Високата школа за новинарство и односи со јавност ја најавува завршната конференција под името „Медиумската писменост во образованието – предуслов за учество на младите во општествените и политичките процеси во Македонија“ во рамки на проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост“. Настанот ќе се одржи утре во хотелот „Холидеј Ин“ (сала Милениум 1) во Скопје.
Со оваа конференција завршува тригодишниот проект „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост“ што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста го реализираше во соработка со дневниот весник „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот го финансира Европската Унија.
На конференцијата ќе се презентираат наодите од истражувањето што Високата школа го реализираше во соработка со Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука. Истражувањето ја анализира состојбата во основното образование во однос на присутноста на медиумската писменост во наставата, резултатите од фокусните групи со наставниците, а претставена е и компаративната анализа на образовниот систем во Словенија и медиумско описменување на учениците. На настанот ќе учествуваат и реномирани истражувачи и професори од Хелсинки, Единбург и Лондон, кои ќе ги пренесат моделите на медиумско образование во своите земји, а ќе се дискутира и за медиумската и информациската писменост низ перспективите на УНЕСКО.