Фото: „Нова Македонија“

Вардар во групата Ф ќе се сретне со Кристијанстад, Тулуз и со победникот од средбата Дуго Село – Сесвете. Алкалоид во квалификациите ќе игра со Хановер, а победникот ќе настапи во групата Г, во која се Фредериција и Татран Прешов, како и победникот на мечот Севехоф – Малме

РАКОМЕТ

Кристијанстад (Шведска), Тулуз (Франција) и победникот на квалификациската средба на два тима од Хрватска, Дуго Село и Сесвете, се ривалите на Вардар во групата Ф во групната фаза на Европската лига, по ждрепката влечена во Виена, седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Алкалоид во квалификациите ќе игра со Хановер од Германија, а победникот ќе настапи во групата Г, во која се Фредериција (Данска) и Татран Прешов (Словачка), а ќе игра и победникот на натпреварот помеѓу тимови од Шведска, Севехоф – Малме.
Во квалификациите ќе играат 24 екипи, од 30 август до 7 септември, а во групната фаза, која почнува на 14 октомври, ќе настапат вкупно 32 тима. За ждрепката, тимовите беа поделени во четири барабани од по осум тима. Тимовите во првите два барабана можеа да бидат извлечени во која било од осумте групи без ограничување. Сепак, со оглед на тоа што екипите не можеа да бидат извлечени да играат со други од истата земја, клубовите во третиот и во четвртиот барабан беа извлечени со посебни чекори за да се осигури дека се применуваат правилата, пишува ЕХФ.
Актуелниот шампион на Европската лига, Фленсбург, го почнува својот обид за трета последователна титула во групата А, каде што ќе се сретне со Потаиса Турда од Романија и двајца победници од квалификациската рунда. Групата Б содржи два тима, кои не само што освоија повеќе титули во Лигата на шампионите туку се сретнаа и во возбудливо полуфинале на Европската лига пред само неколку недели, пишува ЕХФ. Монпелје во тоа полуфинале го победи Кил со 32-31. Четвртиот учесник на годинашниот фајналфор-турнир, германскиот Мелсунген е во групата Е, во која се шампионот за сезоната 2021/2022 Бенфика (Португалија), ФТЦ-Грин Колект (Унгарија) и победникот од натпреварот Хробри Глогов – Карлскрона. Н.М.