Зоолошката граина Скопје, на официјалниот фејсбук профил информираше дека двете шимпанза, Коко и Изи се степале, при што Коко завршил со повреди на ногата.
– Како и кај сите блиски односи, понекогаш дури и најдобрите пријатели знаат да се налутат. Нашите шимпанза, Коко и Изи, кои живеат заедно веќе неколку години и имаат силна врска, имаа мало недоразбирање при игра, што резултираше со тоа што Коко се лизна и си ја повреди ногата. Веднаш реагиравме и ги известивме нашите соработници од Холандија каде што Коко претходно престојуваше и од страна на нашиот тим му беше пружена прва помош – информираа од зоолошката.
Како што велат оттаму, во консултација со холандските ветеринари бил повикан стручен тим од Факултетот за ветеринарна медицина кои заедно со вработените му пружиле стручна помош и за првпат во земјава била извршена ваква акција за седирање на шимпанзо која се смета за една од најкомплицираните во животинскиот свет.
– Коко беше успешно седиран и однесен во ветеринарната болница на факултетот каде што беа направени комплетна рентген дијагностика и сите лабараториски испитувања.
Среќни сме што Коко сега е стабилен, под надзор и во процес на целосно закрепнување, а од страна на професорот Пламен Тројачанец од катедрата за хирургија, ортопедија и офтамологија беше констатирано дека на мала коска на ногата има само напукнатина која сама ќе зарасне, без потреба од хируршка интервенција – информираа од зоолошката.
Оттаму потенцираа дека вакви ситуации се природни и се случуваат дури и во најхармонични групи на човеколики мајмуни.