Автобусот со македонски регистарски таблички што излета од автопатот кај Лесковац ноќеска во 01.45 часот, е на струшката компанија „Еуро Бус“. Тргнал синоќа во 19 часот од Битола и сообраќал на редовната линија за Виена.
Сопственикот на „Еуро Бус“ Џитан Истрефи за МИА изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.
– Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе се што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки – изјави Истрефи, не изнесувајќи други детали за несреќата.
Според досега објавените информации, во несреќата загинале две жени и еден маж, а се повредени 32 лица.
Како што јавија српските медиуми, во тек е идентификација на жртвите. Четири патници се со повреди опасни по живот, и префрлени се во Клиничкиот центар во Ниш додека останатите се задржани во болницата во Лесковац.
Возачот и совозачот не се повредени, но не смеат да даваат изјави за медиуми. Тројца од патниците со тешки повреди се на интензивна нега во одделот Хирургија болницата во Лесковац додека еден е на Ортопедија. Останатите 23 патници се со полесни повреди.