Фото: ЕПА

Ига Швјонтек од Полска, која во саботата во финалето ја победи Аманда Анисимова од САД, беше јуниорска шампионка на Вимблдон во 2018 година, а досега не помина подалеку од четврт-финалето на тревните терени на овој сениорски гранслем-турнир. Тоа е шести гранслем-трофеј за Швјонтек (претходно освои четири на Ролан Гарос и еден на САД опен)

ТЕНИС

Ига Швјонтек од Полска првпат го освои гранслем-турнирот Вимблдон во сениорска конкуренција, со победата во финалето на дуелот со Аманда Анисимова од САД со 6-0, 6-0, во саботата. Тоа е шести гранслем-трофеј за Швјонтек, откако претходно освои четири на Ролан Гарос (во 2020, 2022, 2023 и во 2024 година) и еден на САД опен (2022).
– Се чини супернадреално. Искрено, дури и не сонував за ова, бидејќи за мене беше едноставно, како, премногу далеку, знаете – рече Швјонтек, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Можеби, рече Швјонтек, помогнаа пониските очекувања што таа и многу други луѓе ги имаа за неа на Вимблдон. Таа не беше првата носителка, нејзиното име не беше наведено од многумина меѓу кандидатите за титулата, пишува АП.
– Навистина можев да се фокусирам на подобрување и развој како играч наместо сите само да ме молат да победам, да победам и ништо не е добро, освен победата – рече Швјонтек, пренесе АП.
Таа стана најмладата тенисерка, по 23-кратната гранслем-шампионка Серена Вилијамс во 2002 година, која освоила гранслем-титули на сите три подлоги, пишува „Би-би-си“.
Швјонтек, која е осма последователна победничка, која првпат го освојува на Вимблдон во женска конкуренција, беше јуниорска шампионка на Вимблдон како тинејџерка во 2018 година, но никогаш досега не поминала подалеку од четврт-финалето на тревата на Вимблдон во сениорска конкуренција, а нејзиното единствено друго финале на ваква тениска површина се случи кога беше второпласирана на турнир во Германија, непосредно пред почетокот на годинашниот Вимблдон, пишува АП. Н.М.


ПОБЕДНИЧКИ НА ВИМБЛДОН ВО ПРЕТХОДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

2015 г. Серена Вилијамс (САД)
2016 г. Серена Вилијамс (САД)
2017 г. Гарбине Мугуруза (Шпанија)
2018 г. Анџелик Кербер (Германија)
2019 г. Симона Халеп (Романија)
2020 г. не се играше
2021 г. Ешли Барти (Австралија)
2022 г. Елена Рибакина (Казахстан)
2023 г. Маркета Вондроушова (Чешка)
2024 г. Барбора Крејчикова (Чешка)
2025 г. Ига Швјонтек (Полска)