Црвено-жолтите освоија 15,21 поени во натпреварите одиграни во јуни, во квалификациите за пласман на СП 2026
ФУДБАЛ – РАНГИРАЊЕ ЗА ЈУЛИ
Македонската репрезентација е на 62-та позиција на јулската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), што е за пет места подобар пласман од претходната листа, објавена во април.
Во периодот помеѓу две ранг-листи на ФИФА, црвено-жолтите освоија вкупно 15,21 поени, со нерешениот резултат со Белгија дома (1-1) и со победата на дуелот со Казахстан на гости (1-0), во натпреварите одиграни во јуни, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада.
На најновата листа на Светската фудбалска федерација нема промени меѓу водечките пет репрезентации во однос на рангирањето во април, па, така, прва е Аргентина, пред Шпанија, Франција, Англија и пред Бразил. Хрватска се искачи за едно место и се врати меѓу првите 10 репрезентации во светот, Португалија (шеста) и Холандија (седма) ги заменија местата, Белгија остана осмопласирана, а сега Германија е деветта. Светскиот првак Аргентина е прв на листата на ФИФА од април 2023 година.
Неколку репрезентации се искачија за пет места, вклучувајќи ги Норвешка (сега 33.), Парагвај (43.), Македонија (62.) и Замбија (83.), а најголем напредок оствари Костарика, за 14 места (40.), пишува Светската фудбалска федерација.
Следното издание на светската ранг-листа треба да биде објавено во септември. Н.М.