Покрај Дерик Роуз и Магнус Карлсен, кои други НБА-играчи и ВМ ќе учествуваат на Шаховскиот фестивал уште не е откриено, но потенцијалниот состав на кошаркарската страна е изненадувачки голем, оти шахот ужива растечка популарност во НБА-лигата
ЛАС ВЕГАС
Вкупно 16 од најдобрите шахисти во светот од 16 до 20 јули ќе се натпреваруваат во играње т.н. Фишеров шах во Лас Вегас (САД). Но, пред тоа, на 13 јули, поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен и неговите колеги ќе се соочат со врвни спортисти од друг спорт на Шаховскиот фестивал, со кошаркари од НБА-лигата, кои сакаат да им покажат на велемајсторите (ВМ) колку се добри во шах.
Шаховскиот фестивал почнува со турнирот „Рака и глава“. Во оваа шаховска варијанта, позната и како „Рака и мозок“, едниот играч кажува која фигура треба да се движи (пешак, коњ, ловец, топ, кралица или крал), а другиот игра потег со таа фигура. На овој тимски турнир, најдобрите шахисти во светот и кошаркарските ѕвезди играат заедно. Потоа следува соло-турнир, на кој кошаркарите се натпреваруваат едни против други за да откријат кој од нив е најдобар во шаховската игра, пишува специјализираната интернет-страница за шах „Чес“.
Движечка сила зад шаховскиот фестивал е НБА-легендата Дерик Роуз. Тој беше прогласен за дебитант на годината во 2009 година, што официјално го направи најдобар новак во лигата. Трипати беше избран во олстар-тимот, а во 2011 година, на само 22 години, беше прогласен за најкорисен (МВП) играч во НБА и до денес останува најмладиот МВП во историјата на НБА-лигата. Роуз е љубител на шахот.
– Шахот ме научи на трпение и на предвидување, но и како да останам смирен под притисок. Сакам децата што пораснале како мене да можат да го доживеат тоа – вели Роуз.
Уште не е откриено кои други велемајстори и НБА-играчи, покрај Роуз и Карлсен, ќе учествуваат на Шаховскиот фестивал, но потенцијалниот состав на кошаркарската страна е изненадувачки голем, оти шахот ужива растечка популарност во НБА-лигата. Ѕвезди како Виктор Вембањама, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо, Дрејмонд Грин и други редовно го изразуваат својот ентузијазам за стратешката длабочина на играта и како таа ги инспирира, пишува „Чес“.
Сосема е можно на турнирот да учествува и Клеј Томпсон, кој сега игра за Далас и кој освои четири титули во НБА со Голден стејт со Стеф Кари и заедно ја трансформираа модерната кошарка со нивното шутирање од далечина. Но, Томпсон се соочи и со неуспеси. Во финалето на сезоната 2018/2019 тој се повреди и беше надвор од теренот долго време. Ако треба да ѝ се верува на рекламата од американскиот здравствен оператор „Кајзер перманенте“, шахот, кој е познато дека Томпсон ужива да го игра, му помогнал за време на неговото закрепнување. Таа реклама, насловена како „Реванш“, ја реконструира познатата сцена од филмот „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман. Томпсон е прикажан како седи на плажа пред шаховска табла, кога одеднаш се појавува темна фигура, Неуспехот, кој го толкува Мајкл К. Вилијамс. Томпсон вели: „Мислев дека те победив“, а Неуспехот одговара: „Можеби. Но, поголем успех сее поголем сомнеж“. Потоа Томпсон игра потег и мирно вели: „Уште мислам како да те победам“. Рекламата завршува со слоганот: „Тренирајте го умот. Телото ќе ве следи“, пишува „Чес“. Г.И.