Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека е под контрола пожарот во населбата Геге во општина Ѓорче Петриов кој се проширил кон населбата Бардовци и зафатил дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
– Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор. Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран на пожарот кај Блаце, општина Чучер Сандево – наведуваат од ЦУК.
Бригадата за противпожарна заштита, како што изјави за МИА командирот Ѕвонко Томевски, вечерва интервенира во гаснење на пожарот над патот кон ГП „Блаце“ со пет возила и 20 пожарникари, како и на два пожара во општина Ѓорче, кои се веќе локализирани.
Томевски прецизираше дека локализирале пожар во Ѓорче Петров кај Бека мебел спроти Лепенц, каде биле зафатени грмушки, сува трева и отпад на поголема површина. Интервенирале со четири возила и 12 пожарникари и како што рече, не може да се шири. Во истовреме, посочи, имаше пожар од другата страна на Лепенец кон болницата Бардовци, каде интервениравме со три возила и седум пожарникари, исто така е локализиран и се работи на догасување.