„ЖИВИ АРТЕФАКТИ“, е самостојната изложба на мултимедијалниот уметник и скулптор Филип Јовески,што синоќа беше отворена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков” во Прилеп.
Ликовниот јазик во творечкиот опус насловен „Живи артефакти” на мултимедијалниот уметник Филип Јовески се одликува со јасни геометриски и колоритни традиционални орнаменти.
– Преку употребата на аугментативната реалност, живите орнаменти дигитално се отелотворуваат во визуелни трајни ликовно-семиотички облици и симболи во материјалниот свет. Модифицираните ликовни креации пулсираат во просторот, создавајќи комуникација меѓу реалниот и дигиталниот свет. Реконструираните колоритни орнаменти преку аугментативната реалност се трансформираат во сеќавања врежани во просторно-временски континуум. Во творештвото на Јовески е воочлива потрагата по исконска заборавена мудрост, преточена во ингениозно смислен ликовно-симболичен јазик сочуван во колективната меморија на претците….Во своето ликовно творештво Јовески го вградува културниот генетски код на македонскиот народен идентитет, издвојувајќи разновидни симболи кои се вткаени во народното македонско творештво. Интеграцијата на овие „генетски” кодови истовремено претставува и продолжеток и иновација на традиционалната култура и фолклор -рече на отворањето на изложбата м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
Со оваа изложба Филип Јовески претходно се претстави во КИЦ во Белград, Србија. Ка.М.