Ќе вариме ли сиктер-кафе?

Драги мои, има ли некој кому сѐ уште не му е јасно дека сме систематски уништени како народ? Дали некој сѐ уште верува дека потписите за рушење на државата и нејзино фрлање во црната дупка на Европа биле ставени со добри намери? Ако има такви меѓу вас, ви го изразувам своето најдлабоко сочувство. Нашата татковина, заедно со сите нас во неа, е сместена во барабанот на несреќата и безнадежноста. Напорите да бидеме и да останеме свои на своето се заглавени во пештера без врати и прозорци. Некој ни влезе дома, ни испокрши сѐ, ни ја украде сопственоста и нѐ исфрли како партали на улица.
Не, не е време за лелекање, време е за акција! Време е со име и презиме да ги обележиме директните виновници за нашата колективна мизерија. Нивните имиња се синоним за изгубена патека, веднење глава и веење бело знаме пред насилници, фашисти и ограбувачи на туѓи животи. Уште повеќе – нивните слики треба да стојат во речниците веднаш покрај дефиницијата за национално предавство! Зашто, она што го направија не е ништо друго освен национално предавство од највисок степен. Тие неранимајковци, без да прашаат никого, си зедоа за право да го менуваат библиското име на својата држава. И како тоа да им беше малку, се дрзнаа да потпишат вазалски договор што ништи сѐ што е македонско!
Ги зачувале јазикот и идентитетот, така велат тие јуди, што бадијала го трошеле мајчиното млеко. Аман, бате, те молам не ме брани! Зарем на сите не ни е кристално јасно (по оние купишта гадотии излајани од поганите усти на искомплексираните агресори) дека со нивните потписи е запечатена македонската европска перспектива како нација со сопствена историја, јазик, традиција и култура? Во одвратната понизност и континуираното лижење чевли на големците од т.н. демократска Европа, овие неколку луѓе (и малата буква „л“ е премногу голема за нив) ни стапнаа на вратот, ни го пресекоа крвотокот и без око да им трепне, ја сместија нашата прекрасна Македонија на рингишпилот на заборавот.
И што сега? Како понатаму? Кој ќе ни ги врати најубавите години на младоста, кој ќе одговара за злосторството врз нашиот душевен спокој, нашиот светоглед и нашата иднина? Е па, има кој. На чело на колоната е првиот меѓу еднаквите во СДСМ во тоа време, сите знаеме како се вика, „многу мило, насмеано и работливо момче“. Си се отепаа од гушкање тој и соседот, нагалено наречен „љубави“. Да, апсолутно, многу љубовни чинови доживеавме од типчето, сакам да кажам, во смисла на „онадуење“. По него нѐ зацрни уште еден јак наследник на престолот на социјалдемократите, познат по „врвниот“ интелект и харизма на болна мравка. Да ти е жал да го кудиш, едноставно сфаќаш оти што и да кажеш – не е способен да те разбере. Ете, токму овој талент за политика ни го удри конечниот сатар, онака како на смешка му ги понуди на душманот сите македонски столбови на идентитетот. Па и раце креваше во знак на победа во Собранието, кутриот тој! Демек, сме победиле со потпишување на некаков си „француски предлог“ за смислено убиство на Македонија.

Тука, покрај нив, рамо до рамо се и залоените лапачи на срнечки гради, недоветните „европски ориентирани“ министерчиња и – за жал – голем дел од заведеното членство на СДСМ, кое беше истренирано со живот да ги брани предавниците во редовите на партиското раководство.
Имајќи го сево ова предвид, сакам да прашам – може ли македонскиот народ да поднесе колективна тужба за национално предавство против овие „благонадежни“ европски политичари? Кривичното дело се однесува на злодела против сопствената држава и народ, злосторничко здружување со надворешни сили, со цел поткопување на државните темели и интереси, како и директно рушење на националните перспективи, индивидуални и општествени.
Не сум правник, психолог сум, ама ова го знае и го разбира секој обичен граѓанин со трошка здрав разум и коефициент на интелигенција повисок од просечна собна температура. Тужба за уништени животи, тужба за понижувања, тужба за залудно отсонувани соништа, тужба за лажни европски ветувања… Тужба за убиство со предумисла на една земја и една нација со вековни корени и најубави деца. Деца што не можеме да си ги гушкаме секој ден, зашто, за разлика од нас, тукашниве несреќници, тие решија да не веруваат на барони минхаузени и квислинзи, туку летнаа во еден правец, онаму каде што никој нема да се осмели да ги понижува и гази. Националното предавство е најгнасно и најнепростливо дело против СВОИТЕ. Најдлабоко зариен нож во градите на сопствениот опстанок. Најцрниот гроб ископан за невините сограѓани, најголемата вреќа со сол истурена врз отворените рани на татковото огниште. Мора, едноставно мора да бидат обвинети и казнети за најстрашното злосторство што постои во сферата на националните права и слободи. Поради срушените перспективи, поради згазената надеж, поради мракот во кој нѐ втурнаа нас, немите надгледувачи на бришењето на нашето опстојување како библиски народ.

Не е дека и самите не сме си виновни, храбро молчевме пред стихијата, пишувајќи повремено срцекршачки, трогателни коментари на социјалните мрежи, небаре така ќе се спасиме од катаклизмата. Ќутенката ни беше начин да се избориме со предавствата, а сега се жалиме што нѐ бришат со гумичка како неважна буква. Си пиеме модерно сиктер-кафе, кое самите си го нарачавме. Ќе вариме уште по едно?
И не, умот не ни доаѓа! Пак некои наивни души веруваат дека СДСМ нуди европска перспектива. Пак велиме: „Е ако де, што има лошо во тоа да се стават два-тројца во Уставот?“ Пак сакаат да нѐ прелажат оние што ни ја пресекоа гранката на која седиме, со флоскули од типот: „Ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да се вратиме на европскиот пат“.
Кој пат, бре, докторе и сличните на него? Оној што вие ни го изоравте со понижувања и негирање на сопственото постоење? Пак ли сакате да нѐ возите во виртуелниот авион кон Брисел, кога се пофаливте со почеток на преговорите, а? Вие со вашата корумпирана идеологија треба да одите само по еден пат – оној што води до буништето на историјата. Освен ако во меѓувреме не ви проработат умот и совеста, па да барате прошка од народот што го зацрнивте на долги патеки. Иако, познавајќи ве, со жалење ќе кажам дека од тоа тесто погача не бидува. Еден ден може ќе сфатите, но тој ден е далеку на хоризонтот. Во меѓувреме, не кревајте им го притисокот на луѓето, доволно несреќа и болести им подаривте.

Валбурга Батева