ТРЕТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РЕЛИГИСКИ ДИЈАЛОГ И СОРАБОТКА ВО КРУШЕВО
Не попусто Македонија и Крушево се домаќини на третата Светска конференција за религиски дијалог и соработка. Конференцијата за меѓурелигиски дијалог нуди платформа за тоа како да се истражат клучните можности поврзани со религискиот дијалог и соработката во современиот свет, промовирајќи разбирање и заеднички пристапи кон глобалните предизвици. Овој настан нуди единствена можност за увид во најновите приоди од областа на меѓурелигискиот и интеркултурниот дијалог
Денеска во Крушево завршува 3. Светска конференција за религиски дијалог и соработка, на која учествуваа еминентни професори и експерти од повеќе од 20 земји од целиот свет. Организатор на конференцијата е Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На собирот учествуваа претставници од САД, Австралија, Тајван, Јужна Африка, Иран, Италија, Холандија, Данска, Естонија, Полска, Украина, Романија, Србија, Хрватска, Бугарија и од Македонија. Целта на конференцијата е да ги истражи клучните теми поврзани со религискиот дијалог и соработката во современиот свет, промовирајќи разбирање и заеднички пристапи кон глобалните предизвици.
– Овој настан нуди единствена можност за увид во најновите истражувања и дискусии во областа на меѓурелигискиот и интеркултурниот дијалог – велат организаторите.
Религијата и религиозните институции мора многу повеќе да се вклучат во надминувањето на светските конфликти и создавањето мир, а не да одат рака под рака со одредени политички лидери во креирањето војни. Ова беше една од главните пораки упатени на 3. Светска конференција за религиски дијалог и соработка во Крушево.
– Значи, ако вие сакате да го зголемите конфликтот или да го зголемите интензитетот на конфликтот, вие ја внесувате религијата! Политичката елита многу вешто ја внесува религијата од една страна, а од друга страна одредени религиски кругови манипулираат со содржините на светите книги, како Библијата, Куранот или будистичките свети книги… ги первертираат, фашизоидно ги изместуваат деловите на светите книги. И она што е жалосно, сега и религиската елита е во функција на разгорување на конфликтите, наместо да ги смирува таа ги разгорува, особено таму каде што има војни – истакна д-р Зоран Матевски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Седумдесетина еминентни професори од целиот свет упатија порака за тоа дека е неминовно религијата да се вклучува многу повеќе во решавањето на конфликтите, отколку да се остава настрана или да се злоупотребува од одредени екстремни структури. Тоа го потенцираат и самите религиозни заедници.
– Живееме во еден нестабилен свет. Гледаме дека сѐ помалку има правила на игра, преовладуваат одредени интереси на државите што имаат голем геополитички предзнак и големо влијание во светски рамки. Пораката е јасна – дека постојано треба да се поттикнува религискиот дијалог, дека тој е единствениот начин и пат да се обезбеди потребната соработка. Државите се предодредени да соработуваат и не гледам причина дека овие прашања треба постојано да се отвораат – додаде Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет во Скопје.
– Ако конфликтот прерасне во религиски конфликт, тогаш неминовно е дека страдањето на сите што ќе учествуваат во тој конфликт ќе биде поголемо од конвенционален конфликт или конфликти од други причини. Затоа верските заедници не треба да бидат одминати, од една страна и самите треба да бидат на висина на задачата и да бидат свесни за својата улога во општеството, никако да не мотивираат радикализација, туку да поттикнуваат дерадикализација – изјави отецот Бобан Митревски, претставник на МПЦ-ОА. П.Р.