АТЛЕТИКА – ЕКИПНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ТРЕТА ДИВИЗИЈА
По првиот натпреварувачки ден, Македонија беше на осмото место со 156 бода, а во водство беше Исланд со 260
Најдобриот македонски атлетски маратонец Дарио Ивановски го освои златниот медал во трката на 5.000 метри на екипното Европско првенство (ЕП), Трета дивизија, кое во два дена се одржува во словенечкиот град Марибор. Ивановски ја заврши трката со време од 14:04,06 минути, што е негов најдобар резултат сезонава, за 10 секунди послаб од неговиот личен рекорд. За тоа дека Ивановски беше убедлив во таа трка најдобро говори фактот што второпласираниот, Балдвин Магнусон од Исланд, заостана повеќе од 26 секунди, а некои од натпреварувачите пристигнуваа на целта и со заостанување од еден круг.
Злато на Македонија ѝ донесе и Андреас Трајковски во дисциплината скок во далечина. Со резултат од 7,83 метри, тој беше најдобар, откако оствари резултат подобар за четири сантиметри од второпласираниот Инги Егилсон од Исланд. Трајковски најдобриот скок го имаше во петтата серија, кога успеа да го надмине Исланѓанецот, кој дотогаш беше во водство.
Триумф во првиот ден на ова Европско првенство оствари и машката штафета на четири пати по 100 метри, во состав Михаил Петров, Јован Стојоски, Марко Алексовски и Андреас Трајковски. Тие делницата ја поминаа за 40,89 секунди и со тоа поставија нов македонски рекорд во таа дисциплина. Зад нив низ целта помина штафетата на Сан Марино, а трета е Ерменија.
По првиот натпреварувачки ден, Македонија, која ја сочинуваат по 12 атлетичарки и атлетичари, се наоѓаше на осмото место со 156 бода, а во водство беше Исланд со 260. Г.И.