АНКЕТА: КАКО ЌЕ ГО ПОМИНАМ ЛЕТНИОТ РАСПУСТ?
Долгоочекуваниот летен распуст конечно пристина. За среќа, сѐ уште е само на почеток, па има време да се размисли како најубаво да се искористи. Со учениците од IV-3 одделение oд ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп се дружевме токму на последниот ден од учебната година, на 10 јуни. Тие од нас добија примероци од „Колибри“, кој ќе излегува во текот на целото лето и ќе им биде верен другар особено во летните попладниња, кога убаво е да се биде под сенка, да се пие лимонада и да се чита книга. Да се чита книга може секој ден, освен во вторник. Затоа што секој вторник цело лето, „Колибри“ ќе чека да биде прочитан.
Тие ни возвратија со насмевки, но и со интересни одговори за тоа како ќе го поминат летниот распуст.
ДЕНОВИ ЗА УЖИВАЊЕ, ЗА ШЛАПКАЊЕ И ЗА ПЛИВАЊЕ…
Никита: Јас планирам да пливам во градскиот базен, цееело лето, но ќе одам и на гости кај баба ми во Кавадарци.
Димитрина: Мене ќе ми биде здодевно затоа што ќе нема кој да ми пишува петки. Планирам да ги исчитам сите лектири, но и „Хари Потер“.
Марко: Јас ќе ги посетам роднините во Битола, ќе пливам и ќе чекам да си дојдат моите братучеди од Америка за заедно да скокаме на трамбулина.
Андреа: Уште попладнево заминувам на летување со родителите.
Медеа: Јас ќе одам кај баба ми во Македонски Брод. Таму ми е многу убаво бидејќи имам многу другарки.
Андреј: Со моите родители дури трипати ќе одиме на летување. Се радувам што ќе одам и на море и крај езеро бидејќи многу сакам да пливам.
По средбата и разговорите со нив, тие си ја гушнаа нивната наставничка Гордана Стојаноска и меѓусебно си посакаа пријатен летен распуст.
ПОВИК ЗА СОРАБОТКА
А што ќе правите вие за време на летниот распуст? Еве, ние ви предлагаме да ни испраќате песни, цртежи, раскази и репортажи од вашите летни доживувања и авантури сѐ до крајот на летото. А ние ќе ги избереме најдобрите три и ќе ги наградиме со книги. Прифаќате? Тогаш, ве чекаме.
Вашите творби испратете ги на мејлот: [email protected] до 15.август.
„Колибри“ ви посакува среќно и инспиративно лето!
Ф.Д.
„Летни мечти“
Додека седат и мируваат
децата што ли смислуваат?
Можеби мечтаат, сонуваат,
во далечни земји да патуваат?
Во пустините да собираат песок,
од плажите – школки и камчиња…
Од планините сончев блесок,
а од полето, булки – црвени фустанчиња.
Од улиците џагорот и смеата,
од воздухот – ветрецот што ѕвони
и сите бои од ливадите и селата.
Тоа е детската мечта, за тоа детето сони.
Сузана Мицева