„Зорки и Цветка“ – сликовница за балансот меѓу модерната технологија и реалниот живот

По наградуваната книга за деца „Си беше еднаш“, писателката и уредничка Оливера Ќорвезироска и илустраторката Наталија Лукомска соработуваат на уште едно исклучително издание за деца – новата сликовница „Зорки и Цветка“. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, е актуелна приказна за пријателството и влијанието на модерната технологија во секојдневието на децата.
„Зорки и Цветка“ е сликовница на мошне актуелна тема: модерната технологија во секојдневието на децата. Се работи за пријателство меѓу две сосема различни деца.

Зорки е постојано внатре, тој живее во виртуелниот свет на мобилниот телефон, таблетот, компјутерот и телевизорот. Цветка, пак, е постојано надвор, таа живее во реалниот свет на сонцето, дрвјата, смеата и игрите, каде што со помош на една досетка (дрвена рамка) успева да создаде прекрасно детство без никакви ограничувања. Балансот меѓу модерната технологија и стварниот, реален живот е претставен и на визуелно ниво, и преку обмислените илустрации на Лукомска: црно-белиот свет на модерната технологија се меша со колоритот на стварноста и на крајот сè се претопува во функционално единство, и за децата и за животот воопшто. „Зорки и Цветка“ е можно книжевно „решение“ за корекција на светот на децата таков каков што, за жал, е.

Оливера Ќорвезироска е авторка на следните книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија); „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница); „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика); „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни); „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).

Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка, која живее и работи во Скопје. Има дипломирано на Шлезискиот универзитет во Катовице, полонистика и славистика, каде што го има изучувано македонски јазик. Во Македонија има дојдено како професорка по полски јазик на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Денеска се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Досега има илустрирано дваесетина книги за деца.