Продолжуваат фестивалските денови со фестивалот на класична музика „Класика – интернационален фестивал Струмица 2025“. Утре свој концертен настап ќе има камерното дуо составено од Павлина Сениќ, сопран од Чешка, и Кристијан Бадаровски, пијано од Македонија – Чешка, во НУЦК „Антон Панов“, фоаје во 20 часот.
Павлина Сениќ е оперска певица што дипломирала на Академијата за изведувачки уметности во Прага. За време на нејзините успешни студии, таа доби стипендија и го посетуваше училиштето за музика и драма „Гилдхол“ во Лондон. Поради разновидноста на уметникот, танцот, глумата и изговорениот збор, таа често добива не само оперски туку и оперета улоги. Работела во Прашката државна опера, Ј.К.

Камерниот театар – Тил во Пилсен и севернобоемскиот театар во Усти над Лабем. Таа одигра многу улоги овде. Концертните активности на Павлина Сениќ се исто така многу богати, вклучувајќи не само песни туку и свети дела и, пред сè, соработка со камерни ансамбли како што се „Епок квартет“, Чешката филхармонија колегиум, „Музика фестивал“, џез триото Ото Хејниќ. Таа е барана певица на национални химни. Од 2017 година, Павлина Сениќ се занимава со педагогија, а оваа година беше поканета како предавачка на меѓународните музички мастеркласови за соло-инструменти и пеење АМЕРОПА. Нејзин вокален тренер е Мигеланџело Кавалканти, австриско-бразилски баритон и солист на Државната опера во Прага.

Кристиан Бадаровски е млад македонско-чешки пијанист, композитор, педагог и организатор на музички настани низ Европа. Роден е во Скопје во 1989 година, а основното музичко образование го има завршено во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј каде што дипломира во своето средно музичко образование како еден од најдобрите на својата генерација, во класата на проф. С. Мемедова Мустафовска. Својата виша музичка наобразба ја продолжува во Прашкиот конзерваториум каде што апсолвира во 2012, и тоа во класата на познатата професорка Ева Богуниова, а претходно во класата на славниот Франтишек Максијан-Помладиот. На истиот конзерваториум Кристиан специјализира за изведба на стара музика на чембало, компонирање и педагогија. Бадаровски е победник и финалист на повеќе меѓународни и национални натпревари.

В недела ќе настапи женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ од Македонија со диригентката Летка Димовска Полизова во „Св. Петнаесет великомаченици“ од 20 часот. Хорот е формиран во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот полошко-кумановско г. Кирил и е прв од ваков вид во земјава. Основачка, диригентка и уметничка раководителка на хорот е академската музичарка Летка Димовска Полизова. Хорот е составен од дваесетина женски вокали, од кои повеќето се академски образовани музичари и студенти од повеќе факултети. „Св. Злата Мегленска“ во јавноста се промовира како културен амбасадор. С.Ј.