Пристигнувањето на делегациите во Истанбул и целиот настан се одвиваше со засилени безбедносни мерки

Втора рунда преговори меѓу Русија и Украина

Втората рунда разговори меѓу руските и украинските делегации, насочени кон отворање пат за потенцијално примирје, се одржа вчера во палатата „Чираган“ во Истанбул. Преговорите беа закажани да започнат во 13 часот по локално време или 12 часот по средноевропско време.

Состави на преговарачките тимови

Составот на руската делегација беше ист како и во претходната рунда – помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, заменик-шефот на Министерството за надворешни работи, Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција за разузнавање на Генералштабот на руските вооружени сили, Игор Костјуков, и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Украинската преговарачка делегација повторно ќе ја предводи министерот за одбрана на земјата Рустем Умеров.

Вашингтон со нетрпение ги очекува официјалните резултати од втората
рунда преговори во Истанбул

Москва презентирала меморандум за потенцијален мировен договор, кој ги вклучува сите аспекти на решавање на причините за конфликтот. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неколку дена во пресрет на средбата во Истанбул, изјави дека руската делегација е подготвена прецизно да ѝ го презентира својот меморандум на украинската страна. Рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин, кој е член на делегацијата за преговори со Украина, изјави дека разговорите нема да бидат нарушени и покрај тоа што Украина изврши напади со беспилотни летала врз руските воени аеродроми во неделата.
И Киев дојде на средбата во Истанбул со свој подготвен официјален документ, меморандум за прекин на воените дејства, но детали од него воопшто не беа презентирани во јавноста. Единствено беше кажано дека тој ќе ѝ биде претставен на официјалната руска делегација.
Очигледно дека засега и двете страни се придржуваат само кон експликации на своето видување за развојот на настаните во насока на евентуално примирје, но нема да се навлегува натаму во преговори по деталите, како би изгледал заеднички прифатливиот документ, како резултат на мировните преговори.
Вашингтон со нетрпение ги очекува официјалните резултати од втората рунда преговори во Истанбул. Р.С.