Развојот на едно дете е многу комплексен и зависи од разни фактори. Во текот на првите неколку години од животот, децата учат нови вештини, употреба на одредени предмети и основите на нивниот мајчин јазик. Едно од најинтригантните прашања е како малите деца се способни толку брзо да научат толку многу нови работи.
Развојните психолози претпоставуваат дека одговорот лежи во извонредната способност на луѓето да имитираат – да го имитираат она што го гледаат и слушаат. Голем број студии откриле дека малите деца имитираат различни однесувања, од извршување едноставни дејства како употребата на предмети, до производство на звуците на нивниот мајчин јазик. Сите родители, во одреден момент, доживеале чувство на восхит кога нивните деца повториле нешто што го виделе или го слушнале многу порано. Лонгитудиналните студии потврдија дека имитацијата игра важна улога во развојот на детето. Пронајдени се корелации помеѓу количеството имитација што се случува во текот на првите две години од животот на детето и последователниот јазичен и социјален развој. Затоа не е ни чудо што развојните психолози посветиле значително внимание на прашањето како децата ја развиваат способноста за имитирање.
Некои од најважните развојни психолози, вклучувајќи го и швајцарскиот Жан Пијаже, претпоставуваа дека децата ја развиваат способноста за имитирање во текот на првата година од својот живот. Ова гледиште се промени во средината на 1970-тите, кога студиите на Енди Мелцоф и неговите колеги се обидоа да покажат дека доенчињата веќе биле способни да имитираат однесување само неколку часа по нивното раѓање. Бидејќи новороденчињата имаат мала способност да извршуваат намерни движења, овие студии се фокусирале на многу едноставни однесувања. На пример, истражувачите ги плазеа своите јазици, а потоа набљудуваа дали доенчињата ќе го имитираат тоа дејство. Првичните резултати сугерираа дека доенчињата, всушност, можеби го имитираат однесувањето на истражувачите. Повеќе од 30 години, ваквите наоди се сметаа за доказ за вродена способност за имитирање, а ова гледиште беше пласирано и во учебниците во областа на психологијата и образованието.
Сепак, во последните десетина години се забележува зголемен скептицизам. Голем број понови, големи студии не успеаја да потврдат докази за таква вродена способност за имитирање. Значи, ако способноста за имитација не е вродена, како тогаш се развива таа?
Една возбудлива можност е децата да учат да имитираат токму преку имитирањето од други. Всушност, опсервациските студии за интеракциите родител-дете покажаа дека родителите почнуваат да ги имитираат постапките, емоциите и изразите на лицето на своите деца кога децата сè уште се многу мали. Ова се случува во време кога децата сè уште не се способни за имитација. Некои истражувачи се сомневаат дека имитацијата им овозможува на малите деца да воспостават врска помеѓу сопствените постапки и работите што ги набљудуваат и дека таквите врски ја формираат основата за развој на способноста за имитација. Некои студии дадоа докази во поддршка на оваа идеја. Сепак, сè уште ни недостигаат опсервациски студии од голем обем, кои се стремат да разберат како многу малите деца ја развиваат способноста за имитација.
Луѓето по природа се социјални суштества, многу повеќе од другите примати. Нашата желба да бидеме прифатени од нашите групи е универзална и вродена. Таа доаѓа многу рано: повеќе студии покажаа како имитирањето на однесувањето на возрасните во предучилишна возраст води кон стекнување нови вештини, споделување културно знаење и поттикнување чувство на припадност.
Една форма на ова однесување е прекумерната имитација – тенденцијата да се копираат дејства што не се неопходни за постигнување одредена цел. Иако прекумерната имитација е проучувана кај деца на возраст меѓу три и пет години, има малку истражувања за нејзиното практикување од страна на деца помлади од две години.
Нова студија од истражувачи од Конкордија, објавена во списанието „Фронтирс и дивелопментал сајколоџи“, ја испитува појавата на прекумерна имитација кај доенчиња на возраст помеѓу 16 и 21 месец за да се види дали и како е поврзана со социјалната припадност и другите форми на имитација.
Литературата сугерира дека едно лице – дури и возрасен – се вклучува во прекумерна имитација затоа што сака да се поврзе со лицето што им ги покажува дејствата. Преку имитирањето, децата покажуваат дека сакаат да бидат како нив. Кучињата, како и луѓето, но ниедни други примати, не покажуваат прекумерна имитација. Истражувачите откриле дека малите деца користат многу мала прекумерна имитација и дека тоа не е водено од преференциите во групата – што значи дека не имитирале за да му угодат на некој сличен на нив. Ова сугерира дека прекумерната имитација од причини за социјална припадност може да се појави подоцна. Но тие откриле дека други видови имитација се тесно поврзани со меморијата и когницијата.
Истражувачите регрутирале 73 деца со просечна возраст од 18 месеци. На секое дете му биле доделени четири задачи. Секоја задача имала цел да тестира специфичен вид имитација. Сите задачи зависеле од тоа експериментаторот да му демонстрира некое дејство на детето и да ја оценува имитацијата врз основа на неговите одговори. Задачата за прекумерна имитација се состоела во отворање кутија што содржи играчка во низа од три дејства, вклучувајќи една што била неважна за целта; задачата за предизвикана имитација, првично дизајнирана да ја тестира меморијата, налагала од детето правилно да копира низа од три дејства, како што е ставање мече во кревет со перница и ќебе.
За задачата за имитација на неисполнети намери, експериментаторот користел материјали за играње за да изврши дејство, како на пример, ставање низа мониста во чаша, но не успеал да ја заврши задачата. Потоа од детето било побарано успешно да ја доврши.
Конечно, задачата за преференции во групата вклучувала детето да седи пред екран на кој се прикажувани жена и робот што држат исто кадифено животно еден до друг и ги извршуваат истите дејства истовремено. Експериментаторот се криел зад завеса под екранот и ги држел играчките на стапче како да им ги нуди и роботот и жената. Децата биле оценувани според тоа дали прво посегнале по играчката на роботот или на жената. Всушност, требало да се види дали постои желба за поврзување со некој што е посличен на нив (жената).
Истражувачите се сомневале дека постои врска помеѓу имитацијата и преференциите во групата, но дека таа се појавува кога децата се постари. Имено, до четири и пол години, децата што имитираат повеќе имаат тенденција да претпочитаат деца што се слични на нив по пол и етничка припадност. Тоа покажува развоен модел, при што имитацијата е поврзана со сфаќањето за припадност во групата. Важно е родителите и наставниците да бидат свесни дека нивните деца ќе ги имитираат. Тие ќе имитираат и ќе копираат дејства што не се неопходни. Притоа, целта на родителот/воспитувачот треба да биде – децата да развијат вештини за критичко размислување.
Имитацијата е клучен аспект на развојот на вештините, бидејќи ни овозможува брзо и ефикасно да учиме нови работи преку набљудување на оние околу нас. Повеќето деца учат сè, од груби моторни движења, говор, до вештини за интерактивна игра преку набљудување на родителите, старателите, браќата и сестрите и врсниците како ги изведуваат овие однесувања.
Сепак, бидејќи децата со аутистичен спектар на нарушувања имаат тешкотии со комуникацијата и социјалните вештини, тие може да немаат способност да научат да имитираат. Ова може значително да ги ограничи вештините што можат да ги стекнат преку набљудување на другите. Ако детето со аутизам не научи да ги имитира другите, може уште повеќе да заостане.
Децата ја стекнуваат способноста за имитирање рано во животот. Од најмалку осум месеци возраст, а можеби и порано, децата ги копираат едноставните постапки на другите. Откако ќе се стекне, способноста за имитирање им овозможува на децата да го избегнат долготрајниот и опасен процес на учење преку обиди и грешки. Исто така, им овозможува на децата да го искористат културното знаење на членовите на нивната група и да имаат корист од акумулираното знаење од претходните генерации. Затоа, имитацијата одиграла централна улога во појавата на кумулативна култура меѓу човечките групи.
Способноста за имитирање им нуди на децата и средство со кое можат да формираат и да одржуваат односи со другите. Оваа втора функција на имитацијата се нарекува социјална имитација. Всушност имитацијата вклучува репродукција на дејство откако ќе се види дека е произведено од друго лице. Оттука јасно е дека секоја имитација е по природа социјална. По потреба, таа вклучува барем една индивидуа да биде под влијание на друга. Понатаму, постојат повеќе димензии според кои имитацијата може да се смета за повеќе или помалку социјална. На пример, содржината на она што се копира може посилно да се поврзе со физичкиот свет (на пр., како да се користи нова алатка) или со социјалниот свет (на пр., како да се реагира во одредена социјална ситуација), а односот помеѓу моделот и имитаторот може да биде далечен или поинтимен. Што е тогаш социјална имитација?
Социјалната имитација обично се однесува на сопствените цели на поединецот при извршување на имитативниот чин. Постојат две функции за имитација: инструментална и социјална. Инструменталната имитација се однесува на копирање на однесувањето насочено кон учење нова вештина. Социјалната имитација, пак, се однесува на копирање на однесувањето насочено кон постигнување социјални цели, на пример, копирање на постапките на друго лице во обид да се спријатели со него.
Разбирањето на начините на кои децата ја користат имитацијата за да постигнат социјални цели е важен аспект на разбирањето како тие формираат и одржуваат односи со другите. Имитацијата е позната како „социјален лепак“ што помага во поттикнувањето блиски социјални односи. Тесно поврзана со ова, имитацијата е едно важно средство преку кое децата ги учат општествените норми и ритуали на нивните блиски.
Да запомниме, имитацијата е клучен аспект од развојот на вештините, бидејќи ни овозможува брзо и ефикасно да учиме нови работи преку набљудување на оние околу нас. Од преслатки мали деца што ги имитираат манирите на своите родители, до тинејџери што ги имитираат сомнителните лудории на своите идоли, моќта на имитацијата во обликувањето на однесувањето на детето е неоспорна сила што може да доведе до топли, но и загрижувачки резултати. Како родители и старатели, честопати се наоѓаме заглавени помеѓу гордост и паника кога ги гледаме нашите најмали како го отсликуваат светот околу нив. Тоа е нежен танц на природата и грижата, каде што секој гест, збор и акција станува потенцијален план за идните психолошки структури на нашите деца.