Ждрепката за осминафиналните дуели в понеделник може да донесе реприза на финалето од мај годинава во Киев, Реал – Ливерпул (3-1)

По одигрувањето на последното, шесто коло во групната фаза натпревари познати се 16-те екипи што обезбедија пласман во осминафиналната, нокаут-рунда во Лигата на шампиони (ЛШ), како и осумте тима што напролет ќе играат во утешната Лига Европа (ЛЕ), во шеснаесеттинафиналето.
Немаше некои поголеми изненадувања, понатаму одат тимовите од петте најсилни европски лиги. Некои од фаворитите, пред сѐ, Реал или Баерн не се прославија, но, сепак, без поголеми напори си обезбедија пласман во следната рунда.
Меѓу 16-те екипи најмногу, четири, има од Англија. Тоа се ланскиот финалист Ливерпул, Тотенхем, Манчестер С. и Манчестер Ј., три се од Шпанија, актуелниот првак Реал, Барселона и Атлетико, три од Германија, Баерн, Борусија Д. и Шалке, две од Италија, Јувентус и Рома, две од Франција, ПСЖ и Лион и по една од Холандија, Ајакс, односно од Португалија, Порто.

Три тима, Реал, Барса и Порто, по 23-ти пат, најмногу од сите, играа во групната фаза. Реал секогаш успеваше да се квалификува за нокаут-рундата, освојувајќи притоа најмногу бодови (297) и постигнувајќи најмногу голови (333).

Ждрепката за осминафиналните дуели закажана за понеделник, 17 декември, во Нион, ќе биде полудиригирана. Тоа значи дека меѓу себе не ќе може да играат првопласираните тимови во групите (првите натпревари ќе ги играат на гости), ниту пак од истата група и од иста земја. Тоа ги намалува шансите за мегадуели во оваа фаза, како на пример Реал- Барселона, Манчестер С. – Манчестер Ј., Баерн – Борусија Д. итн., но. и покрај тоа. можни се интересни двобои.

Ждрепката може да донесе реприза на финалето од мај годинава во Киев, Реал – Ливерпул (3-1). Актуелниот првак Реал (најтрофеен со 13 титули), како првопласиран во групата Г, за противници може да ги добие и четирикратниот шампион Ајакс и трикратниот Манчестер јунајтед. Барселона предводена од Лионел Меси, петкратен првак на Европа, исто така може да се „намери“ на Ливерпул, на Манчестер јунајтед, но и на Рома, која ѝ е должник поради елиминацијата во четврт-финалето (4-1 и 0-3).
Можни противници на германските гиганти Баерн и Борусија Дортмунд се Ливерпул, Атлетико, Манчестер Ј., Тотенхем и Рома, односно Ајакс (за Борусија).

Јувентус исто така може да има силни ривали како Ајакс, Атлетико, Ливерпул. 


Левандовски најефикасен со осум гола

Напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, е најефикасниот фудбалер во групната фаза натпревари со осум гола. Втор со шест гола е Лионел Меси од Барселона, а по пет дадоа Нејмар (ПСЖ), Паоло Дибала (Јувентус), Един Џеко (Рома), Андреј Крамариќ (Хофенхајм), Муса Марега (Порто) и Душан Тадиќ (Ајакс).
Рекордер според бројот на дадени голови во групната фаза е Кристијано Роналдо, 11, во сезоната 2015/2016, или вкупно 61. Меси што во сезоната 2016/2017 постигна 10 гола има дадено најмногу, 66 гола во групната фаза.


Квалификувани и елиминирани
Првопласирани во групите:
Борусија Д., Барселона, ПСЖ, Порто, Баерн, Манчестер С., Реал, Јувентус.
Второпласирани:
Атлетико, Тотенхем, Ливерпул, Шалке, Ајакс, Лион, Рома, Манчестер Ј.
Третопласирани кои напролет ќе играат во Лига Европа:
Бриж, Интер, Наполи, Галатасарај, Бенфика, Шахтар, Плзен, Валенсија.
Четвртопласирани и елиминирани:
Монако, ПСВ, Црвена З., Локомотив М., АЕК, Хофенхајм, ЦСКА М., Јанг бојс.