Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Курската област за прв пат откако минатиот месец руските сили ги потиснаа украинските војници од регионот, пренесоа светските агенции.

Кремљ соопшти дека за време на вчерашната посета, Путин се сретнал со доброволни организации и ја посетил нуклеарната централа „Курск II“ која е во фаза на изградба.

Рускиот претседател не ја посетил граничната област со Украина од првата половина на март.

Државната телевизија покажа снимки на кои се гледа како Путин разговара со доброволци и локални службеници, вклучително и со вршителот на должноста гувернер на Курската област, Александар Хинштајн. Путин беше придружуван од Сергеј Кириенко, прв заменик-раководител на администрацијата на Кремљ.

Украинската армија навлезе во Курската област во август минатата година и зазеде територии. Русија кон крајот на април соопшти дека ги потиснала украинските војници од регионот, со што беше ставен крај на најголемата инвазија на украинските сили на руска територија по Втората светска војна.

Нешто повеќе од две години по руската инвазија во 2022 година, на 6 август Украина ја почна својата најсмела офанзива, пробивајќи ја руската граница во Курската област со помош на дронови и тешко западно оружје. Во екот на операцијата, украинските сили изјавија дека контролираат близу 1.400 квадратни километри во Курската област.

За време на својата посета на Курската област, Путин нареди зголемување на групите за деминирање во областа.