
Разловечкото востание не било замислено како локален бунт, туку како пошироко народно востание. Востанието било резултат на сите социјални и политички превирања уште од времето на ајдутската традиција на Иљо Војвода во целиот малешевски крај. Според идеите и плановите на иницијаторот на востанието, Димитар Поп Георгиев-Беровски, тоа требало да биде масовно движење! Востанието се јавува како изразита автохтона и самоиницијативна пројава. Тоа е прво македонско востание и е многу важно што било организирано и раководено автономно, без никакво влијание од надворешни фактори
Од историските архиви:
Пред што било да се каже или да се напише за Разловечкото востание, како прво востание за ослободување на Македонија и на поробениот македонски народ во втората половина од 19 век, збор-два за револуционерните традиции и револуционерниот чин на ајдутите, комитите, војводите и на партизаните од Македонија, кои се покажаа како богато револуционерно искуство што ги донесе толку посакуваната слобода на македонскиот народ и нeговата конечно стекната државност. Револуционерните традиции од борбата на македонскиот народ се есенцијата на неговата Народноослободителна борба за национална и социјална слобода. Тие поттикнуваат и инспирираат на акција и непокор. Сплотуваат и обединуваат во борба за национално, културно и духовно ослободување од вековен гнет. Претставуваат вистинска нишка на континуитет на револуционерната борба на македонскиот народ – борба за слобода и борба за своја независна држава. Таа вековна борба има свој историски и временски континуитет.
Револуционерниот чин во дејствувањето на македонскиот народ е од круцијално значење. Светлите револуционерни примери (Димитар Поп Георгиев-Беровски, поп Стојан Разловски, поп Коста Буфски, Дедо Иљо Малешевски, Стефо Николов, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев, Христо Узунов, Никола Карев, Кузман Јосифовски-Питу, Стив Наумов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Коце Металец, Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Димитар Влахов и многу други) имаат инспиративно влијание на широките народни маси. Револуционерните искуства од востанијата и буните се мобилизирачки чин, сигнал и повик за дејствување и акција во револуционерниот континуитет, од една мината фаза, во друга идна светла епопеја. Сите заедно придонесуваат за канализирање на прогресивните движења и насочуваат кон вистинскиот пат на развојот на секое ослободително движење. Истовремено ги поттикнуваат основните насоки и устреми на слободољубивите, револуционерни и прогресивни идеи, кои го преобразуваат целото општество и го прават подобро.
Македонија во 70-тите години од 19 век била зафатена од низа револуционерни движења изразени во бунтови, востанија и други форми на отпор, проткаени со мислата за национално ослободување на Македонците и државно осамостојување на Македонија. Годинава изминуваат 149 години од дигањето на Разловечкото востание (1876 г.). Ова востание било свесно подготвувана и подолго време планирана револуционерна акција на македонскиот народ од Малешевијата и пошироко во Источна Македонија. Негови организатори се Димитар Поп Георгиев-Беровски, поп Стојан Разловски (од Разловци, Пијанечко), Костадин Иљов Карчевски (од Берово, Малешевско) и други нивни соработници.
Димитар Поп Георгиев-Беровски
Најпрвин нешто поконкретно за Димитар Поп Георгиев-Беровски. Тој е голем македонски револуционер и просветен деец, родум од Берово. Како што е познато, тој е душата на Разловечкото востание. Иницијатор е и организатор на Разловечкото востание (мај 1876 г.) и на Македонското кресненско востание (17 октомври 1878 г.). Образован Македонец што се школувал на Духовната семенарија во Одеса (1858–1861 г.), а подоцна во Белград добил и воено образование. Против Турците се бори како член на српската востаничка војска, во 1862 г. кога Белград е бомбардиран.
Кога се вратил во Берово, работел како учител и активно учествувал во борбата против Цариградската патријаршија. Прогонуван е од грчкиот владика и оди во Солун, каде што во 1875 г. го создава Тајниот револуционерен комитет, во чиј состав биле тројцата браќа на Беровски – Иван, Алекса и Констандиј – како и браќата Еврови, Стојан Цоцов, поп Петре Солунски и др.
Следната година, заедно со поп Стојан од селото Разловци, најпрвин прави заговоренички круг, а потоа подготвува кревање востание, што и се случило истата година во мај, кога е кренато познатото Разловечко востание (1876 г.). Подоцна Беровски се вклучува во одредот на Дедо Иљо Малешевски и ќе учествува во Руско-турската војна (1877-78). Активно учествува и во Македонското востание (1878 г.), како началник на востаничкиот штаб. Учесник е и во Српско–бугарската војна (1885 г.). Од 1895 г. е во редовите на Македонската револуционерна организација и е близок соработник на Гоце Делчев.
Подготовки за востанието
А сега и нешто поконкретно за подготовките на востанието. Во подготовките на востанието поп Стојан (во договор со Беровски, кој бил во Солун и спроведувал акција за собирање оружје) го свикал првото собрание (советување) на истомислениците во планинското место Калаџерџево, над селото Разловци, во кое учествувале десетина души од Разловци, меѓу кои и хаџи Атанас од селото Драгобраште, Цоне Дончев од Кочани и др. (Љубен Лапе, 1974 г.). Од составот на присутните се гледа дека имало луѓе и од други околии. Инаку, селото Разловци било еден вид природен центар на три соседни околии: Пијанец, Кочанско и Малешевијата. Кога Димитар Поп Георгиев-Беровски се вратил од Солун со оружјето што го набавил, тој свикал и второ советување за подготовка на востанието. На истото тоа се донеле неколку значајни одлуки: востанието иницијално да се дигне во селото Разловци; за водач на востанието бил избран Димитар Поп Георгиев-Беровски; да се нападне и да се освои и Царево Село (Делчево), при што одземеното оружје од Турците треба да им се подели на селаните; Беровски да изврши обиколка и инспекција на Пијанечко, Малешевско, Виничко, Кочанско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко и да го поттикне населението да биде подготвено за борба по објавувањето на почетокот на востанието.
Од овие одлуки се гледа дека востанието не било замислено како локален бунт, туку како пошироко народно востание. За карактерот и опфатот на востанието меѓу првите пишува д-р Иван Катарџиев, кој најпрвин објаснува дека востанието е резултат на сите социјални и политички превирања уште од времето на ајдутската традиција на Иљо Војвода во целиот малешевски крај. Понатаму, продолжува дека, според идеите и плановите на иницијаторот на востанието, Беровски, востанието требало да биде масовно движење на селаните од тој крај, за на крајот да заклучи дека карактерот на тие активности бил селанска буна (Иван Катарџиев, 1961 г.).
Академик Манол Пандевски, подоцна, во 1976 г. најпрвин ќе го постави прашањето дали Разловечкото востание е буна или востание, за по широка експликација на замислените, остварените и неостварени востанички акции, да заклучи дека востанието се јавува како изразита автохтона и самоиницијативна пројава. Подоцна, по сестрано проучување на востанието и изнесување нови дотогаш непознати докази, тоа го потврдува и историчарот Михајло Миноски, кога констатира дека тоа востание е прво македонско востание и е многу важно што било организирано и раководено автономно, без никакво влијание од надворешни фактори. Тој иако укажува на грешки во подготовките и на проблеми во организирањето на востанието, воопшто не го доведува во прашање општонародниот карактер на востанието. И историчар од поновата генерација, Далибор Јовановски, по сестрана и продлабочена анализа за Разловечкото востание (2015 г.) констатира дека и покрај крајниот неуспех на востанието, и покрај помалиот обем во однос на подоцнежното Македонско востание (1878 г.), Разловечкото востание го отвори патот кон развојот на оружената борба, која подоцна доведе и до создавање македонска држава, а на тој начин создаде можност за засилување и зацврстување на македонската национална посебност во однос на соседните народи и држави.
Тоа што востанието е дигнато во с. Разловци не е случајно. Треба да знаеме дека пијанечкиот и малешевскиот крај одамна биле познати по својата слободољубивост и бунтовност. По нивните планини и села се движеле четите на Дедо Иљо Малешевски, Румена Војвода, војводата Цоне Дончев и др. Во 50-тите и 60-тите години од 19 век, не постоела малешевска куќа што не пратила свој домаќин, син или брат, по малешевските планини, Голак, Пирин, Плачковица, Осогово, Рила. Не случајно кога во 70-тите години од 19 век, кога се засилиле револуционерните движења на Балканот, овде, во Малешевијата и Пијанец, тоа прераснало во општонародно востание.
Од изнесените факти е евидентно дека ова востание просторно е ограничено (регионално), а временски краткотрајно, бидејќи плановите биле да се востане само територијата на Источна Македонија. Се гледа дека избувнало во пијанечкиот крај и требало да се прошири во Малешевијата, па кон Струмичко, Радовишко, Мелничко до реката Струма, Штипско, Кочанско и до Петричко и Мелничко до реката Струма. Тој процес започнал, но бил прекинат поради недоволен број востаници и доаѓање и концентрација на голем број турски аскер и башибозук на наведената територија. Но политичкиот момент и социјалниот карактер на востанието биле успешни. Политичкиот се гледа во целите на востанието и стремеж кон национална слобода и кон политичко (државно) обликување на таа слобода. Социјалниот карактер ги изразувал големото незадоволство на македонското население и неговата борба против социјалната и економската онеправданост од страна на османлискиот режим и целта да се укине.
Востанието е водено за општомакедонски цели и под црвено востаничко знаме. На црвеното знаме имало жолто поле во кое бил извезен црвен лав. Знамето имало натпис „Македонија“ и „на 8 мај 1877“. На него биле прикачени две ленти: На едната испишано „Станете“, а на другата „Да ви освобода“. Познато е дека знамето го направиле (извезеле) учителките баба Недела и ќерка ѝ Станислава Караиванова.
Разловечкото востание е настан со чист македонски карактер
Сепак, фактите дека на почетокот турските војници и населението од тој крај биле разоружени и раскажувањата за храбрите акции на востаниците на чело со војводата Димитар Поп Георгиев-Беровски зборуваат дека ова востание е значаен чекор напред во вклучувањето на македонскиот народ во следните револуционерни и народноослободителните движења во Македонија, за време на источната криза и подоцна, за време на предилинденскиот и илинденскиот период.
Повеќе од јасно е дека Разловечкото востание е настан со чист македонски карактер. Тоа е подигнато од внатрешни причини (економска и социјална потчинетост на македонскиот народ). Изведено е со внатрешни сили, македонски револуционери и тајни кружоци (Разловци, Берово, Солун). Тоа нема никаква врска со Априлското востание во Бугарија.
Разловечкото востание го означува почетокот на социјално-политичкото движење во Македонија. Ослободителниот, социјалниот и националниот карактер на востанието произлегува од поставените цели, средствата за нивно остварување и симболите под кои се водело. Во нив го согледуваме почетокот на македонското национално, револуционерно и ослободително движење, кое започна како културно-национално (40-тите години на 19 век), продолжи како национално-револуционерно (од 1876 до 1892), еволуира во политичко-револуционерно (од 1893 до 1903), за на крајот да се афирмира како национално-политичко, во периодот помеѓу Илинден 1903 и АСНОМ 1944 (Блаже Ристевски).
Оттогаш, од времето на Разловечкото востание, од подоцнежното Македонско востание (1878г.), и од случувањата по нив, како израз и средства на државно-национални концепции и национални програми, ги имаме: востаничкото знаме на Разловечкото востание, пијанечката привремена управа, устројството на македонското востание од 1878 година, печатот на началникот на штабот на востанието, воените правила на Македонскиот востанички комитет од 1879 година, Уставот на Македонскиот востанички комитет од 1878 година, печатот на привремената влада на Македонија и на командантот на македонската војска од 1880 година, како и Манифестот на Крушевската Република од времето на Илинден 1903-та. Сите овие државотворни симболи и акти се темелот врз кој се надградени државотворните акти на АСНОМ од 2 август 1944 година.
Најконкретно кажано, со ова востание македонското национално движење влегува во една понапредна револуционерна и историска фаза, која го трасирала патот на победоносната оружена револуционерна борба, за на крајот да заврши со Првото заседание на АСНОМ и создавањето македонска држава.
Сотир Костов