Лакомоста прави оној што не може да носи две лубеници под една мишка, и покрај двете мишки да не остане ниту со една резанка!
Им го покажа најсветлиот пат, па затоа се растурија од плаќањето за струјата!
Толку долго беа во тунелот, што кога го здогледаа светлото на неговиот крај ослепеа!
Ако ни ги мачкаат очите, барем тоа да не ни го прават со нашите пари!
Во кризно време најголема чест му се оддава на оној што прв ја измислил вересијата!
За да може да се удавите во долгови, потребно е истите тие да ви бидат прекуглава!
Пушењето е опасно по животот, но најопасно по животот на неговите производители би било масовното откажување од пушењето!
За жал, светот е сѐ уште најмногу богат со сиромаштија!
Среќата со пари заработени со пот не се купува, туку се поткупува!
Занаетот е златен, но само доколку не ’рѓоса!
Проблемот со егото кај жените е во тоа што тие мислат дека нивните фотографии дури и на личните карти не се доволно лични!
Не се знае кој е повеќе луд: оној што лудо командува или оние што лудо го слушаат!
Најмногу лизнати има меѓу оние што сакаат да кажуваат масни вицеви!
Нерешливите светски проблеми можат и од екваторот да направат крај на светот!
Само на немирниот Балкан чизмата главата не може да ја чува со сигурност, особено ако е на ногата на непријателската војска!
Тоа што се случува на тајните вечери подоцна најмногу влијае на целокупната секојдневна јавност!
И на оние со најзначајни дела, на крајот вредноста им се искажува со една минута во молчење!
На политичарите најмногу им се слушаат зборовите, бидејќи за делата ретко може да им се чуе!
Претераните оптимисти и пеколот го планираат за печење скара!
Љубовта со пари не се купува, туку само чеизот!
Некои успеваат и од прикажувањето на својот животен пат, на другите да им наплатат патарина!
Пред безбедносните камери се одвива најголемото реално шоу!
Денес не е толку важен полниот кожен паричник, колку полната пластична картичка!
Хумор почнав да пишувам уште со првото описменување, бидејќи уште тогаш ,,чудните реченици“ за кои ме караа ги пратив во весници и од нив заработив повеќе и од сега!
Најмалку земјоделци продаваат на зелените пазари, бидејќи и нив ги изедоа граѓаните што се прекупувачи!
Иван Русјаков