ШОУ СО 7.000 ДРОНА И ПОЗНАТИ ЅВЕЗДИ НА СЦЕНА

Македонскиот оркестар, дел од проектот „Фејмс“, настапи на гламурозната свеченост по повод официјалната најава за изградба на првиот тематски парк „Дизни“ на Блискиот Исток, кој ќе се наоѓа на островот Јас, Абу Даби. Настанот, организиран од компанијата „Волт Дизни“ и „Мирал“, привлече големо внимание и многу ѕвезди од светскиот шоу-бизнис. Меѓу присутните беа Тајрис Гибсон, Наоми Кембел, Ед Вествик и други познати личности. Публиката беше сведок на импресивно шоу, кое вклучуваше координирана претстава со 7.000 дрона, огномет и настап во живо на оркестарот „Фејмс“.
Музичката програма беше подготвена и диригирана од Стив Сидвел, а на сцената настапи и Ланг Ланг, заедно со пејачите Кери Елис, Соња Балсара и емиратскиот уметник Рашед Алнуими. Македонските музичари беа рамноправен дел од оваа високобуџетна продукција, поставена на највисоко светско ниво.
– Настапот на настанот за „Дизниленд“ во Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу, не само за нас како оркестар туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст – изјави Од Насју Мапа, основачка на „Фејмс“.
Церемонијата ја означи официјалната најава за изградба на седмата тематска дестинација на „Дизни“ во светот и прва во регионот на Блискиот Исток.
„Фејмс“, основан во Скопје во 2007 година, е реномиран оркестар специјализиран за снимање музика за филмска и телевизиска продукција, видеоигри, класична и поп-музика. Со над 4.000 реализирани проекти, се наметна како водечки избор за оркестарски снимања во Европа и пошироко. Настанот уште еднаш потврди дека македонските уметници се препознаени и ценети на светската културна и продукциска сцена.