Националната галерија на Македонија во соработка со галеријата „Арт проџект спејс“ ја претставува меѓународната групна изложба на жени уметници од Македонија, Грција, Србија и Кипар, под наслов „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“. Изложбата е отворена во галеријата „Арт проџект спејс“ и ќе трае до 6 јуни 2025. Во октомври изложбата ќе ѝ биде презентирана на македонската публика, а делата ќе бидат изложени во „Мала станица“. Кураторки на изложбата се Ана Франговска, кустос-советничка во НГМ, и независната историчарка на уметност Ники Папаспиру од Грција.
Изложбата се развива по должината на имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталации, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет.
Учеснички се: Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.