Фото: Пиксабеј

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва најави дека ќе го повика рускиот претседател Владимир Путин на средба со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Турција за време на мировните преговори за војната во Украина.

Лула се придружи на повиците на многу други земји рускиот лидер лично да оди во Истанбул на директни преговори со Киев.

-Ќе се обидам да разговарам со Путин, рече Лула на прес-конференција во Пекинг, пред планираната посета на Москва на враќање во Бразил. „Ништо не ме спречува да му кажам: „Еј, пријателе Путин, оди во Истанбул и преговарај“, додаде тој.

Разговорите во Истанбул утре ќе бидат првите директни разговори меѓу Украина и Русија од пролетта 2022 година.

Лула го даде својот коментар откако Киев го замоли Бразил да го искористи своето влијание врз Москва за да обезбеди средба меѓу Путин и Зеленски.

Од своја страна, вчера Кина и Бразил објавија заедничка декларација во која го поздравија „предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за започнување мировни преговори“ со Украина.

Во текстот, двете страни го опишуваат директниот дијалог како „единствен начин за завршување на конфликтот“.

Вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика својот американски колега Доналд Трамп да ја посети Турција и да учествува во преговорите, но подоцна објави дека државниот секретар Марко Рубио ќе отпатува во Истанбул.

Кремљ сè уште не објави дали претседателот Владимир Путин ќе се вклучи во преговорите, само објави дека ќе присуствува руска делегација.