Архива: „Нова Македонија“

Сѐ поочигледен станува впечатокот дека во последните две децении на сцена се одвива процес на целосно напуштање на темелните европски вредности од страна на европските либерални елити, кои наместо да промовираат демократски пристап кон решавањето на проблемите, сѐ почесто посегнуваат по инструментите на сила, притисок, уцени и ултиматуми, како начин работите да ги свртат во своја полза. И таквиот начин донекаде и поминува кај помалите земји, но кога станува збор за поголемите и моќни земји, тогаш европскиот ултимативен настап наидува на ѕид од кој многу силно се треснуваат од земја, веќе следниот момент

Европските либерални елити сакаат да се
факторизираат преку ултимативни настапи

Европската Унија во последните две децении се соочува со целосна деградација на темелните вредности врз кои своевремено беше изградена, па наместо да говори со јазикот на демократијата и еднаквите права, сѐ почесто говори со јазикот на ултиматумот.
Ултимативното политикантство, кое го наметнаа сѐ уште актуелните европски либерални елити, уште повеќе ги оддалечува од демократските чувства на европските граѓани, кои наместо во Унијата да гледаат највисок дострел на демократија, владеење на правото и човекови слободи, сега можат да гледаат демонстрација на сила и моќ против сите што мислат поинаку.
Тоа е многу далеку од вистинскиот дух на договорот од Мастрихт од 1992 година, кој претставуваше темел на модерната Европска Унија, поставувајќи институционални и економски рамки што овозможија понатамошна интеграција и соработка меѓу европските држави врз рамноправна основа.
Сега ултиматумот е речникот со кој сѐ почесто се обраќа ЕУ, а кога на ултиматумот ќе биде вратено со цврст одговор од страна на еднаквите и посилни партнери, тогаш фрустрациите се пренесуваат врз помалите земји, кои немаат ниту сила ниту моќ да се спротивстават на таквиот настап. Македонија тоа најдобро го почувствува во овие нешто повеќе од три децении независност.

Европските ултиматуми не поминуваат кај големите светски играчи

Очигледно во последните две децении на сцена се одвива процес на целосно напуштање на темелните европски вредности од страна на европските либерални елити, кои наместо да промовираат демократски пристап кон решавањето на проблемите, сѐ почесто посегнуваат по ултиматумот како начин работите да ги свртат во своја полза. И тоа донекаде поминува кај помалите земји, но кога станува збор за поголемите и моќни земји, тогаш европскиот ултимативен настап наидува на ѕид од кој многу силно се треснуваат од земја веќе следниот момент.
Имено, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави повисоки заштитни царини за увезените производи од ЕУ (заради заштита на националната економија), одговорот на Брисел беше најава со уште повисоки царини за клучните американски производи што се пласираат во Европа. САД го игнорираа целосно и ултимативниот настап на ЕУ околу вклучувањето на Европа во преговарачкиот процес во врска со разврската на конфликтот во Украина, па студено ја исфрлија од преговарачката маса.
ЕУ се обидуваше преку ултиматуми да настапи и кон Кина, заканувајќи се со царини за кинеските индустриски производи, ширејќи фобија низ Европа за кинеското влијание, за на крајот повторно да побара соработка со Кина откако токму на тие европски либерални елити им стана јасно дека САД повеќе нема да го финансираат нивното владеење.
Сега со ултимативен речник настапуваат и кон Русија, во време кога беше сѐ поизвесно дека има шанси да се постигне мировно решение за тригодишниот конфликт.
Во доста ултимативна форма, на 10 мај францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и премиерите на Велика Британија и на Полска, Кир Стармер и Доналд Туск, го посетија Киев, каде што за време на преговорите со украинската страна предложија 30-дневен прекин на огнот од 12 мај. Германската влада потоа соопшти дека доколку Русија го одбие примирјето предложено од Европа и Украина, ЕУ ќе почне со подготовки за дополнителни санкции против Русија, без оглед што рускиот претседател Владимир Путин претходно најави дека на 15 мај ќе се одржат директни мировни преговори меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Истанбул. Оваа најава беше поздравена и од американскиот претседател Доналд Трамп, но ЕУ и натаму продолжува со ултиматумот за 30-дневно примирје или санкции за Русија. Дури отворено прокламираат и продолжување на конфликтот ако Русија го одбие нивното барање за едномесечен прекин на огнот.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, коментирајќи ја на брифинг заканата од воведување нови европски санкции против Русија доколку Москва одбие прекин на огнот во Украина, порача дека јазикот на ултиматум не може да се користи за дијалог со Русија.
– Јазикот на ултиматум е неприфатлив за Русија, не е соодветен. Со Русија не може да се разговара на таков јазик – нагласи Песков.
Тој потсети дека Русија веќе добила слични закани од европските челници на 10 мај, а тогаш тие исто така им биле претставени во доста ултимативна форма.

Македонија под постојан европски ултиматум, со аргументите на силата…

Првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре пристигнува во посета на Македонија, при што се очекува уште еднаш да ја повтори позицијата на Европската Унија во однос на напредокот на земјава во евроинтеграциите, дека без уставни измени нема чекорење напред.
По него, во земјава треба да дојде и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која постојано повторува дека без уставни измени и впишување на Бугарите во македонскиот Устав земјава не може да напредува на патот кон Европската Унија.
Не треба да се заборават ниту ултимативните настапи на редица високи европски политичари што продефилираа низ земјава барајќи таа да го промени уставното име затоа што на една земја членка на ЕУ тоа не ѝ се допаѓало.
Несомнено македонските граѓани одамна се навикнаа на ваквиот ултимативен речник од страна на европските челници, кои очигледно силата и моќта ги демонстрираат исклучиво врз малите земји.
Таквиот однос целосно го урива култот кон Европската Унија како заедница во која демократијата, еднаквоста и почитувањето на сите, без оглед на нивната големина, се врвно начело врз кое впрочем беше изградена европската идеја.
Она што се слуша денес од високите европски либерални елити е речник што во никој случај не ѝ припаѓа на демократијата, уште помалку на меѓународноправниот поредок што е поставен од Обединетите нации, впрочем, не ѝ припаѓа ниту на самата ЕУ, каде што се вели дека секоја нација, без оглед дали е голема или мала, има свои вредности што треба да се почитуваат и затоа секоја земја мора да се третира рамноправно, без да ѝ се поставуваат какви било ултиматуми.
– Повеќе од видливо е дека целосно се искривоколчија тие европски елити бидејќи речникот на ултимативноста, со кој сѐ почесто настапуваат, не е речник на силата на аргументите и меѓусебното уважување, туку на аргументот на силата. Се виде како поминаа европските ултиматуми кон САД, Кина, Русија, па сега кога не можат по магарето, удираат по самарот. Реално, ваква каква што е сега ЕУ нема сила да изигрува некаков фактор што кон некого ќе настапува ултимативно, но, да бидеме начисто, ЕУ и не треба кон никого да настапува ултимативно. Тоа не е европска особина. Унијата, во рамките на оние внатрешни реформи што ги најавува, мора да си погледне добро во својот двор и да открие зошто ги разочарува пред сѐ сопствените европски граѓани, а потоа и другите. Ние сме дел од Европа и тажно е да ја гледаме ваква, немоќна, фрагилна, која преку некакви ултиматуми се обидува да се факторизира. Сето ова е резултат на отуѓеноста од граѓаните што ја направија тие либерални елити, кои предолго се на чело на Европа и кои не го слушаат граѓанскиот глас. Ултимативниот речник не е речник на демократијата, не е речник на меѓународното право и тој не пали кај големите сили, а уште полошо е кога се употребува само кај малите народи, како што тоа ни го прават нам со децении. Ултиматумот не води кон просперитет и демократија, туку создава отпор и одбивност кон оној што го наметнува. Македонија сака во ЕУ, но сака во Унија што ќе се врати на сопствените темелни вредности, каде што ултиматумот нема да биде ниту крајна опција, туку на секој проблем ќе му се пристапува аргументирано и со сослушување и на туѓите аргументи. Тоа е начинот на кој ЕУ конечно треба да почне да функционира ако сака да ги врати сопствениот дигнитет и кредибилитет. Во спротивно, и натаму ќе биде обичен резервен играч во сите глобални процеси – заклучуваат аналитичарите.