ИФФК „Браќа Манаки“ како дел од проектот „Кадар-на“ ја поддржува иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. Проектот е поддржан од Британскиот совет како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската Унија и има цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социоекономско влијание. Проектот „Кадар-на“ е во заедничка реализација на Филмскиот фестивал во Нови Сад и филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Постоењето на родовата нерамноправност е утврдено на сите нивоа во аудиовизуелната индустрија, а оваа програма е наменета за нови и млади уметници, филмски работнички што сакаат да ги усовршат своите знаења и вештини со поддршка од истакнати експерти од филмскиот свет, преку онлајн работилници и интензивна менторска програма. Повикот е отворен до 9 јуни, а за да се пријавите, неопходно е да го пополните формуларот. Резултатите ќе бидат објавени на 16 јуни. Учесничките ќе имаат можност да следат пет онлајн работилници со експертки од филмскиот свет, конференции во Нови Сад и во Битола, три мастеркласа, менторска програма и претставување.