Фото: РФМ

Се надевам дека ќе бидеме на ниво и в недела, но, сеедно, очекувам тешка борба. Ќе ни бидат потребни и концентрација и свежина за да ја исполниме зацртаната цел, вели македонскиот селектор Лазаров

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Машката ракометна репрезентација на Македонија по убедливата победа од дури 19 гола разлика, 36-17 (една од највисоките) над Естонија во Талин, во квалификациите за пласман на 17. Европско првенство (ЕП), кое ќе се одржи во јануари 2026 во Данска, Норвешка и во Шведска, е на чекор да биде деветти пат во низа дел од едно ЕП. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров за да ја заверат потребната виза за ЕП, односно второто место во групата еден, ќе треба да ја победат утре во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“ (18 ч.), селекцијата на Литванија со два гола разлика, од која загубија на гости во првиот меч со 27-29. Со евентуална помала разлика, реми или пораз, шансата ќе се бара меѓу четирите најдобри третопласирани репрезентации. Црвено–жолтите во петтото коло од квалификациите за ЕП, во Талин одиграа фуриозно во текот на целиот меч, а како што одминуваше натпреварот гол-разликата се зголемуваше.
– Им честитам на играчите за прикажаната игра. Ме радува тоа што бевме константни во сите шеесет минути, имавме одличен пристап и пруживме вистинска борба. Заслужија играчите честитки за прикажаното и секако поддршка в недела, a нѐ очекува физички моќната и тркачки добрата Литванија. Се надевам дека ќе бидеме на ниво и в недела, но, сеедно, очекувам тешка борба. Ќе ни бидат потребни и концентрација и свежина за да ја исполниме зацртаната цел – вели македонскиот селектор Лазаров.

Во македонските редови најефикасен играч беше левиот бек Филип Кузмановски со шест гола, пет реализира десниот бек Мартин Серафимов, а четири пикерот Милан Лазаревски. И двата македонски голмани беа на висина на задачата. Никола Митревски бранеше во првиот дел и имаше седум одбрани (29 отсто), додека Мартин Томовски во второто полувреме и успеа да одбрани 13 удари (69 отсто), по што беше прогласен за најдобар играч во македонските редови.
Во вториот натпревар од нашата група, Литванија на домашен терен загуби од Словенија со 28-31, која, пак, веќе обезбеди пласман на ЕП, што секако ѝ одеше во прилог на Македонија.
По петтото коло, уште пет репрезентации обезбедија пласман на ЕП 2026, двократниот европски првак Шпанија, Грузија, Црна Гора, Холандија и Фарските Острови. Од претходно, учество на ЕП 2026 преку квалификации обезбедија Германија, Чешка, Унгарија, Португалија, Словенија, Хрватска и Исланд, бранителот на титулата Франција, како и домаќините Норвешка, Данска и Шведска. Македонија осум пати играше на континентални првенства, девет пати на мундијалите, а на големите натпреварувања (ЕП и СП) постојано игра од 2012 година. Г.И.


Резултати, 5. коло

Литванија – Словенија 28-31
Естонија – Македонија 17-36

ТАБЕЛА, ГРУПА ЕДЕН
Словенија 5 5 0 0 10
Литванија 5 3 0 2 6
Македонија 5 2 0 3 4
Естонија 5 0 0 5 0

Двојки, 6. коло (недела): Македонија – Литванија (18 ч.), Словенија – Естонија (18 ч.)