Владата нема да дозволи никакви трикови за зголемување на цените во маркетите и ќе ги засили контролите не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите. Притоа, посебно внимание ќе се обрне на влезните фактури – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Како што истакна, одговорајќи на новинарски прашања во рамки на работната посета на Кавадарци, ситуацијата ќе се следи и нема да се дозволи стихијно однесување на пазарот.
-Такви трикови нема да дозволиме да се случат, некој може да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи. Лично разговарав со министерот и со директоорт на Државниот пазарен инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дристрибутерите и производителите, да видиме да не има некои трикови кај влезните фактури, не само во однос на цените на рафтовите – потенцира премиерот.
Според него, добро е што изминатите два месеца мерката со замрзнувањето на маржите дисциплинирано се спроведуваше.
-Тоа доведе до намалување на цените и смирување на инфлацијата и сега, за еден месец имаме негативна инфлација или дефлација од -1,3 отсто, додека на годишно ниво најниска во регионот и меѓу најниските во Европа, 2,7 отсто. Ќе ја следиме ситуацијата и нема да дозволиме стихијно однесување на пазарот – порача Мицкоски.