Ги повикувам нашите навивачи и сите љубители на ракометот да ни дадат поддршка на вториот дуел во Скопје и заеднички да го прославиме освојувањето на пехарот, вели десниот бек Мартин Серафимов
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП
Ракометарите на Алкалоид ќе го играат првиот меч од финалето во Европскиот куп против грчки АЕК на гости во Атина на 18/19 мај, а реваншот ќе биде седум дена подоцна во Скопје. Така сакаше ждрепката, која вчера се влечеше во Виена. Ова би требало да биде добра вест за скопјани иако не мора да биде и правило, а тоа всушност се покажа и во полуфиналниот дуел, кога Алкалоид токму на гости оствари севкупна победа, откако во Скопје славеше со пет гола разлика против Рунар Сандефјорд.
– Да се стигне до финале не е мала работа и сега сакаме да го освоиме овој куп. Ги повикувам нашите навивачи и сите љубители на ракометот да ни дадат поддршка на вториот натпревар во Скопје и заеднички да го прославиме освојувањето на пехарот. АЕК не го познаваме, ќе гледаме видеа и убеден сум дека стручниот штаб добро ќе ги анализира и ќе спреми тактика за победа. Самото финале е голем успех за Алкалоид, но и за ракометот во Македонија. Иако ослабени, решавачки против Рунар беа нашата сплотеност и решеност да одиграме најдобро што можеме. Задоволен сум од мојата игра, но ова е колективен спорт и сметам дека сите соиграчи имаат свој удел во овој успех. Пеналите се обично рулет, но ние се спремавме и за таков исход. Шутирав прв, имаше притисок, но ако погодиш, притисокот се пренесува кај противникот. Галевски одбрани три пенали, а ние дадовме три и ете нѐ сега во финалето – задоволно вели десниот бек на Алкалоид, Мартин Серафимов. Г.И.