Младите џудисти имаа можност непосредно да учат од најдобрите, а истовремено и да се дружат со нив и со нивните врсници од присутните држави

ЏУДО

Заврши учеството на македонските претставници на Европскиот детски џудо-камп „Будва 2025“. На овој камп присуствуваа над 250 џудисти од помладите возрасни категории од околу 20 држави. Македонија ја претставуваа седум џудисти, а беа предводени од тренерите Дејан Мицкоски и Филип Макаловски. Кампот го предводеа еминентни џудо-стручњаци и претставници од Европската џудо-унија (ЕЏУ), своевремено освојувачи на олимписки, светски и европски медали. Целокупната програма се состоеше од методика и начини на изведување омилени џудо-техники на овие џудо-ѕвезди, како и џудо-кати за деца. Исто така имаше организирано и едукативни џудо-работилници, како и основна обука за прва помош при спортски повреди. Младите џудисти имаа можност непосредно да учат од најдобрите, а истовремено и да се дружат со нив и со нивните врсници од присутните држави.
– Во текот на трите дена на овој камп сите учесници имаа чест во живо да го следат финалниот блок на борби за златен, сребрен и бронзен медал на Европското првенство (ЕП) за сениори „Подгорица 2025“, како и директно да се сретнат, да се фотографираат и да побараат автограм од дел од учесниците и медалистите на ова ЕП, како нивни идоли. Севкупно, ова беше големо искуство за македонските млади џудисти и идни шампиони, додека за стручните лица претставуваше стекнување нови искуства и соработка со присутните колеги и џудо-експерти. Овој џудо-камп беше реализиран со помош и поддршка на ЕЏУ и Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) – велат од ЏФМ. Г.И.


Шерифовски и Павловски поразени на ЕП

Македонските џудисти Еди Шерифовски (до 81 кг) и Никола Павловски (до 100 кг), предводени од селекторот Горан Мицкоски, се поразени во првото коло на Европското првенство (ЕП) за сениори во Подгорица (Црна Гора), кое се одржа викендов, во мошне силна конкуренција на 414 натпреварувачи од 47 држави. Шерифовски загуби од Мухамед Коч од Турција, додека Павловски од Србинот Александар Кукољ. И двајцата џудисти што ги победија македонските претставници не успеаја да стигнат до финалето, а со тоа Шерифовски и Павловски останаа без можност преку репасаж да стигнат до евентуална борба за медал.