Патувањето во музичката продукција Алавукс го почнува во средината на 1990-тите, каде што најде инспирација во техно и хаус-музиката

Горан Алавук-Алавукс е високопочитуван електротехноуметник од Србија, кој со години работи и твори во Македонија. Препознатлив е по своите брзи и динамични звуци и по својата посветеност за претставување на музичката андерграунд-сцена на овој дел од Европа. Горан Алавук-Алавукс в петок издава нов албум за „Бас агенда лејбл“ од Лондон.
Повеќе од две децении, Алавукс е движечка сила со страст и посветеност.
Во 2015 година го објавува светски признаениот „Октагон ЕП“ на „Бас агенда рекордингс“, кој ја доби поддршката од професионалци како што е Дејв Кларк. Ова издание ја зацврсти неговата репутација како еден од вистинските електропродуценти.
Патувањето во музичката продукција Алавукс го почнува во средината на 1990-тите, каде што најде инспирација во техно и хаус-музика. Забележа успех на српските андерграунд-радиски топ листи со песната „Сан“. Подоцна остана еден од најголемите поддржувачи на тогашниот трет бран на електробас и фанк-музика, со остро чувство да се остане уникатен и креативен. Тој пристап му донесе поддршка од легендите во индустријата како што се Хуан Аткинс, Лорен Гарние и диџеј Стингреј. Неговата дискографија ја покажува неговата способност беспрекорно да спојува и техно и електро со експлозивни резултати. Негови редовни поддржувачи се светски докажани имиња во електронската сцена, како на пример Алиената, Перк, Дејв Карк, Умек, Дакс Џеј и многу други. Горан Алавук-Алавукс од неодамна секоја прва сабота има своја емисија, каде што презентира нова електро и техномузика на Радио Тонка. Радиото е лоциранo во Хаг и на фреквенција 90.2 и онлајн под името „Емитер“ како дел од ноќната програма наречена „Нестабилни саботи“. С.Ј.