Минатата недела со поетско читање на македонски и англиски јазик во преполната сала во Њујоршката јавна библиотека, Никола Маџиров го отвори Светскиот поетски салон во рамките на Фестивалот на светската литература и уметност, кој се одржува од 14 до 30 април. На сцената пред околу150 присутни гости, Маџиров настапи заедно со американската џез-композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс, двапати номинирана за музичката награда „греми“ и редовна соработничка на современиот музички гениј Џејкоб Колиер, шесткратен добитник на „греми“, на американскиот џез-состав „Снарки Папи“, добитници на пет награди „греми“, како и на рок-легендата Дејвид Крозби, членот и основач на „Крозби, Стилс, Неш и Јанг“.
Бека Стивенс, заедно со лидерот на „Снарки папи“ — Мајк Лиг, веќе компонираа песна според стиховите од песната „Окото“ на Никола Маџиров, која таа ја исполни на отворањето на Поетскиот салон во Њујорк, а истата вечер премиерно ја изведе и нејзината нова композиција „Ние немаме сон“ според истоимената песна на Маџиров. Оваа композиција ќе се најде на еден од следните албуми на Бека Стивенс. По заедничкиот поетско-музички перформанс, следуваше разговор на Маџиров со аргентинскиот поет полиглот, универзитетски професор и преведувач на Песоа и Пизарник — Патрицио Ферари. Настанот беше во организација на „Њујорк паблик лајбрери“ и „Лајмлајт поетри“ од Њујорк.
Според стиховите на Маџиров веќе имаат компонирано американската композиторка и добитничка на Пулицеровата награда за современа опера, Дујун, американскиот авангарден џез-композитор и соработник на Бјорк и Лу Рид, Оливер Лејк, македонскиот пијанист и џез-композитор Гордан Спасовски, како и композитори на џез, опера и класична музика од Германија, Италија, Литванија, Естонија.