Доколку во измените на Законот за безбедност на патиштата биде вградена и одредбата со која за најтешките прекршоци, како што е и возењето под дејство на алкохол, на возачот да може да му се одземе возилото, таа нема да се применува автоматски. Тоа произлегува од тоа што мерката одземање на автомобилот не е во согласност со уставно загарантираното право на неповредливост на сопственоста, изјави Томислав Томашиќ, заменик-претседател на Високиот суд за прекршоци.
– Правото на сопственост е загарантирано со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и со Уставот на Република Хрватска. Тие се прописи што по својата правна сила се над законот. Во согласност со овие документи, на физичките или правни лица можат да се лишат од правото на сопственост само во јавен интерес според условите предвидени со закон. Во тој случај е потребно да се воспостави праведен однос на рамнотежа меѓу потребата на јавниот интерес и заштита на правото на сопственост – вели судијата Томашиќ за „Јутарњи лист“.
При одлучувањето на мерката одземање на возилата прекршочните судови ќе се однесуваат во согласност со досегашната судска практика на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
Томашиќ вели дека постојните пропишани казни, како и висината на казните изречени од судовите, за најопасните сообраќајни прекршоци, се доволно високи и неретко се движат во износи над 5.000 куни.