На рускиот пазар, како и на сите други пазари каде што се присутни, нудат производи со издржан квалитет, кои се соодветни на барањата и вкусот на купувачите
Се одржа најреномираниот саем за прехрана во светот „Продекспо“
Најквалитетните вина на винарницата „Стоби“ уште еднаш го потврдија високиот углед што го уживаат на рускиот пазар каде што се присутни долго време. Винарницата на почетокот од месецов го претстави своето портфолио на производи на еден од најреномираните саеми за прехрана во светот, саемот „Продекспо“ во Москва, каде што го привлече вниманието на многубројните посетители што беа воодушевени од квалитетот и вкусот на вината на „Стоби“.
Саемот „Продекспо“ веќе 25 години традиционално се одржува во руската метропола. Годинашното издание на саемот се одржа на простор од околу 100.000 квадратни метри, а на него се претставија 2.342 компании од 63 земји во светот. Претставувањето на винарницата „Стоби“ на „Продекспо“ го одржа тимот на винарницата од Македонија во соработка со долгогодишниот дистрибутер на вината на „Стоби“ на рускиот пазар, компанијата „Браво трејд“.
Од винарницата велат дека претставувањето пред руските, но и пред многубројните посетители од странство, било заокружено со организирање специјален дегустативен настан на кој винските љубители уживаа во најквалитетните вина на „Стоби“ и вкусната храна приготвена специјално за оваа околност како комбинација на специјално селектираните вина. Притоа, главниот акцент на дегустацијата бил ставен на вината од ексклузивната линија „Приватна резерва“, кои редовно ги освојуваат најпрестижните награди на винските натпревари низ светот.
На дегустативниот настан на „Стоби“ присуствуваа повеќе од 70 гости, бизнис-партнери и клиенти со кои компанијата „Браво трејд“ соработува со години. Освен во квалитетните вина и вкусната храна, гостите уживаа и во специјална програма со музика, бармен-шоу, сликање со ѕвездена прашина, шоу со балансирање со чаши и шишиња, стендап-комедија, диџеј-сет и други изненадувања.
– Нашето успешно претставување на саемот „Продекспо“ уште еднаш го потврди високиот углед на вината на „Стоби“ што го уживаат кај пребирливите консументи во Русија. Станува збор за навистина голем пазар, кој е тешко да се освои, а во што ние успеваме веќе подолго време. На овој пазар, како и на сите други пазари каде што сме присутни, нудиме производи со издржан квалитет, кои се соодветни на барањата и вкусот на купувачите. Истовремено, го имаме вистинскиот партнер од доверба со кој заеднички се посветуваме на промоција на нашиот бренд. И тоа е вистинскиот рецепт за успех – вели Ана Јорданова, сопственичка на винарницата „Стоби“.
„Стоби“ годишно произведува околу 4,5 милиони литри вино во шишиња, од кои над 70 отсто одат за извоз. Во моментов, вината на „Стоби“ се присутни на европскиот пазар, во САД и во Јапонија. Во Европа, освен во Русија, „Стоби“ извезува и во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, Холандија, Данска, Велика Британија и Германија.