Македонските и балканските мелодии ќе бидат интерпретирани од Пламенка Трајковска (виолина), Милена Гиевска Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и Александра Јаневска (виолончело)
Концертот „Балканско патување“ на гудачкиот квартет при здружението „Пламенка Трајковска – МКС“ ќе се одржи вечерва, со почеток од 18.30 часот, во галеријата на КИЦ во Софија. Македонските и балканските мелодии ќе бидат интерпретирани од Пламенка Трајковска (виолина), Милена Гиевска Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и Александра Јаневска (виолончело).
„Балканско патување“ претставува музичко-истражувачки проект во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи што му се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет.
– Во новите композиции струјат неколку доминантни елементи, и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап чија цел е да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов – балканска композиција. Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена балканска музика за и преку неа да ги доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи – најавуваат организаторите.
Пламенка Трајковска, виолинистка и композиторка, дипломира на ФМУ во класата на М. Куфојанакис, а магистрира на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Од 1994 година таа е постојана членка на Филхармонијата. Пламенка го креира музичкото јадро со наслов „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, кои креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија и настапуваат на официјални концертни сцени и на алтернативни простори со цел да ја доближат класичната музика до широката публика и до младите. Таа е авторка и изведувачка на албумот „Апасионато“ и на албумот „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, во адаптација за виолина и пијано. Авторка и изведувачка е на музика за театарски претстави, на синглот „Светулки“ и на повеќе детски песни. Посебен опус создава врз традиционалните фолклорни теми за кои креира аранжмани за гудачки квартет во класичен стил и аранжмани на традиционални фолклорни теми во кросовер-стил за гудачки квартет. Има реализирано голем број концерти во Македонија и на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција.
Милена Гиевска Андоновска е музичарка изведувач, виолинистка со педагошко-методолошка доквалификација. Дипломира и магистрира на отсекот музичар изведувач на виолина во класата на професор Љубиша Кировски.
Љубица Бошкоска (виола) дипломира на отсекот виола во класата на проф. Фросина Балова. За време на своето образование учествува на натпревари за камерна музика и на семинари по виола. Професорка е по виола во музичкото училиште во Тетово во периодот 2014 до 2016 година. Во моментот е редовна членка на Македонската опера и балет.
Александра Јаневска (виолончело) е родена во 1987 година. Дипломира на ФМУ во класата на проф. Жифко Фирфов. Од 2009 година е надворешна членка во Македонската филхармонија. Моментално работи како професорка по виолончело во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.