Зошто?

Не знам колку време ќе биде потребно барем малку да се притаи болката во срцата на македонските граѓани по трагичната несреќа во дискотеката во Кочани, но знам дека таа болка кај оние што ги изгубиле најмилите нема никогаш да исчезне, дури да помине и сето време на светот.
И по два дена од овој стравотен настан, повторно останува само едно и единствено прашање што и натаму лебди во воздухот: Зошто? Зошто повторно мораше да ни се случи колективна трагедија за да се потсетиме дека ништо не сме научиле од досегашните искуства и не сме мрднале со малиот прст за да ги промениме работите на подобро.
Да, отпосле сите сме експерти, сите кажуваме како требало да биде, како ние ќе сме направеле да сме биле некаков фактор, но во суштина сите ние како поединци потфрливме. Потфрливме затоа што повеќе од три децении дозволуваме системот да биде корумпиран, да не функционира и да живееме со таков систем. Низ годините гледаме како изникнуваат новопечени богаташи само затоа што нашле начин како да го заобиколат или подмитат системот и на тој начин да го стекнуваат своето богатство. И тоа си трае и трае со децении, обичниот народ осиромашува, а врз неговата мака некој друг се богати затоа што нефункционалниот систем му го дозволува тоа. Во еден момент ќе се случи трагедија, ќе згаснат многу животи и одново ќе констатираме дека системот е корумпиран и нефункционален и дека треба да се преземат итни мерки. Ќе се крене ука-бука за неколку дена, ќе тагуваме три, пет или седум дена и потоа како ништо да не било. Така е бидејќи нема одговорност за ништо, нема казнивост, а виновниците лесно се извлекуваат со симболични казни и за некоја година повторно почнуваат некакви бизниси откако ќе подмачкаат ваму или таму. Многу брзо забораваме и тоа не е добро. Не велам дека треба да бидеме злопамтила, но некои работи не смеат да се заборават за да не се повторат во иднина.
Овие 59 млади животи загубени попусто поради нечија болна опсесија за богатство и пари не смеат да се заборават, исто како што не смее да се заборават жртвите од автобуските несреќи на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и несреќата во Бугарија, жртвите во Диво Насеље, кај Смилковско Езеро, на бродот „Македонија“ во Охридско Езеро, на „Палер“, како и многу други несреќи во кои предвреме згаснаа многу животи.
Овие последни 59 жртви веќе не се последна опомена, туку тие треба да го означат почетокот на ресетирањето на системот, без оглед на цената што сите ќе ја платиме. Како општество мора да бидеме подготвени да ја платиме таа цена оти премногу плаќавме за постојано да ни се испилуваат млади „бизнисменчиња“ што дивеат по улиците со бесни автомобили, а истите тие утре ќе држат кафулиња, дискотеки, кабареа, ќе изигруваат главни фаци и ќе прават што сакаат. И како што цел живот биле карактерно неодговорни, така ќе продолжат и натаму. Она што ги интересира е само како да дојдат до пари, а дали објектот што го менаџираат е технички исправен, дали е преполн, дали има противпожарна заштита, вентилација, доволен број излези и слично, тоа не ги интересира. Ќе му фрлат паричка на некој функционер и работата е завршена. Така функционираа работите со години.

Тоа треба да се смени, но не само како констатација. Премиерот во своето обраќање беше убедлив дека сака да се зафати со ресетирање на тој корумпиран систем и треба да го направи тоа бидејќи за такво нешто ќе добие поддршка од сите. Ама да го направи вистински, не само да остане на вербални најави понесен од емотивниот момент, оти, ако системот не профункционира, како што и самиот кажа, нема повеќе да имаме држава и никој не посакува таква нефункционална држава.
А ресетирањето на системот е повеќе од потребно затоа што младите сакаат да го живеат животот со полни гради, утре повторно ќе одат во дискотеки, кафулиња, на концерти, ќе сакаат да патуваат и за сето време да се чувствуваат безбедни. Тоа го посакува и секој родител, неговото дете да биде безбедно и среќно каде и да оди, каде и да се наоѓа, без никој да го доведува во опасност затоа што сакал да профитира на нелегален начин.
Сега повеќе од потребно е да се започне со масовна акција на контрола на сите угостителски објекти од секаков профил, кафулиња, кафеани, ноќни клубови, кабареа, дискотеки и слично. Најпрво да се излезе на терен и да се провери техничката документација, потоа самиот објект дали одговара на дејноста што ја врши, има ли противпожарна заштита, вентилација, обучен персонал за справување со секакви ситуации, барем основен противпожарен и медицински курс, доволен број излези, дали се почитува капацитетот на објектот, дали има присуство на малолетници и слични. Тоа е прво, потоа да се удри по документацијата, за што е добиена дозвола, кој ја издал, до кога важи и целата оваа документација да биде дигитализирана, односно во истиот момент кога ќе истече дозволата веднаш да бидат алармирани службите. Потоа, надлежните за издавање такви дозволи буквално да бараат влакно во јајцето пред да потпишат какво било одобрение за некој објект, за да не се случува магацини и шупи да бидат дискотеки во кои ќе се собираат по 500 и повеќе луѓе. И сите тие контроли да минуваат низ верижни проверка, па ако друг орган утврди неправилност, веднаш да биде повикан на одговорност претходниот орган што замижал на одредени недоследности или, пак, примил некаква награда за прогледувањето низ прсти. Истото важи и за организаторите на концерти и во сали и на отворено. Мора да водат сметка за безбедноста, да има ангажирано противпожарни и медицински тимови, обезбедување, да има доволно излези во случај на потреба, да има стручни служби ако се употребува пиротехника, да не се претерува со продажбата на карти и на тој начин да се преоптоваруваат објектите. Не може профитот да биде повреден од човечките животи.

Државата сега треба да покаже дека овие млади животи не згаснале попусто, туку дека ја научила лекцијата и нема да дозволи во иднина да се повторат вакви трагедии така што ќе изгради функционален и некорумпиран систем. Оние што ќе се обидат да го заобиколат и да го корумпираат системот да бидат најстрого санкционирани. Институционалниот одговор мора да биде решителен и моќен, охрабрувачки за општеството, демотивирачки за оние што и натаму сакаат да се прават газди водејќи нелиценцирани клубови во разни шупи и магацини.
Државата има задача да го постави системот на здрава основа, да удри по корупцијата и да не запира додека не падне и последниот што се обидува да ја корумпира системската поставеност. Задача на граѓаните е да не забораваат, постојано да ги потсетуваат надлежните на жртвите и да ги притискаат на будност и одговорност. Само така ќе ги избегнеме колективните трауми што ни се повторуваат одново и одново.