Дали е легитимно Владата и претседателката да лансираат, градат и создаваат релации за тактичко (краткорочно) и стратегиско (среднорочно и долгорочно) позиционирање на Македонија во регионов на Балканот и пошироко во Медитеранот или, пак, глобално? Одговорот е: Да. Легитимно е! Дали е тоа разумно, рационално, полезно, одговорно, кохезивно и патриотски чин во актуелниот момент? Одговорот е: Да, доколку нашите легитимно избрани национални и државни лидери ги имаат целосно предвид моменталните околности (идеолошки разидувања во пакет со геостратегиски рекомпонирања) и историските факти од поблиската и подалечната историја, и национална и светска историја. И најважно од сѐ, водењето на таквите политики не само што не ги затвора нашите перспективи туку дава простор за проактивна политика и во актуелниве околности да се обезбеди најдобра можна позиција за Македонија. На властите останува процената на кој начин и со кого краткорочно, како и на долг рок, да се создаваат и негуваат релациите
Влегување во процес на отворање нови мултиинтеграциски перспективи во ерата на мултиполарниот свет
Започнати се исклучително значајни активности за краткорочно тактичко и долгорочно стратегиско глобално позиционирање на Македонија, но и на Балканот. Со тоа треба да се отвори нова страница за државата и за нацијата. Македонија покажува амбиција да стане активен чинител на европската и светската геополитичка сцена! Јасна е пораката на нашите зафати за тактичко и стратегиско репозиционирање: судбината на Македонија нема да се решава повеќе на никакви меѓународни конференции и меѓусебни договарања на лидери на овие или оние држави, туку Македонците активно и непосредно самите решаваат и ќе решаваат за Македонија, заедно со другите нејзини граѓани, отворајќи нови мултиинтеграциски перспективи во ерата на мултиполарниот свет (наместо стагнирачкиот и ретрограден процес од досегашниот начин на евроинтеграција), во кој се вметнаа и елементи за редефинирање на карактерот на нашата држава. Редно е да испливаме над површината на водата што ни го полни грлото во базенот на евроинтеграциите, Бугарија и Грција со двата договора што нѐ ставаат во дефанзива. А има здрави аргументи зошто подобро да развиваме односи со Унгарија и со Турција, отколку со нашите ЕУ-соседи, кои не покажаа добрососедски манири.
Зошто зголемување на интензитетот на активностите на Македонија?
Показ и доказ за активното присуство на македонскиот народ на светските политички мапи преку неговото државно-политичко раководство се пред сѐ директните веќе неколкукратни присуства во официјален Вашингтон, непосредните контакти на соодветно високи рамништа со републиканската администрација на претседателот Трамп, сѐ поразвиените веќе и стратегиски партнерства во европските центри чиј пристап е „уважување на искажаната волја на нацијата, нејзиното самоопределување и развој по пат по кој нацијата гледа свој динамичен просперитет во соработка со меѓународната заедница што над сѐ го почитува меѓународното врховно (перемпторното – јус когенс) право.
Натаму, во истиот контекст, нашите соговорници го издвојуваат и динамизирањето на билатералата со Турција, државата што допрва ќе има решавачка улога во Балканот и со која Македонија има стратегиски договор за соработка.
А зошто не соработка со САД, Унгарија или со Турција кога се членки на НАТО, како и Македонија
Можат да се наредат мал милион аргументи од политички и особено безбедносен аспект кои се потребата и ползата да се развива сѐ подлабоко и сѐ постабилно не само стратегиско партнерство туку и геополитичко сојузништво со Доналд Трамп и неговата републиканска Америка. Можат да се наредат мал милион аргументи од политички и особено безбедносен аспект кои се потребата и ползата да се развиваат сѐ подлабоки и сѐ постабилни не само стратегиски партнерства туку и геополитички сојузништва и со Унгарија и со Турција, особено во контекстот на сегашните „добрососедски односи“ кон Република Македонија… Притоа, воопшто не треба да заборавиме дека и Унгарија и Турција се членки на НАТО.
Значи, се развива и се применува нов политичко-државен пристап на Република Македонија, кој одговара на моменталните меѓународни и геополитички околности во Балканот, Европа и светот, кој ги зема предвид и историските факти од поблиската и подалечната македонска историја. Што е најважно: тој заземен курс и политичко-државен пристап на Република Македонија не само што не ги затвора перспективите туку, напротив, ги отвора, односно создава простор за проактивна и промакедонска политика или во конкретните околности да обезбеди најдобра можна позиција за Македонија.
Дали случајно онака порача претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова завчера на почетокот на својата официјална посета на Азербејџан дека, „препознавајќи ја важноста на мултиполарниот свет“, „целосно сме посветени на натамошно засилување и продлабочување на нашите заемни односи со Азербејџан“? Кое е суштинското значење на овој став на шефицата на македонската држава? Навистина, очигледно е дека нашата држава започнува со свои нови и стратегиски исчекори во насока на сопствената мултиинтеграција, наместо само блокираната „рајска евроинтеграција“, и дека се започнува со свое репозиционирање во настапената ера на мултиполарниот свет.
Сепак, Европа е приоритет
Европа останува еден од приоритетите, бидејќи Република Македонија е дел од европскиот континент. Но оваа и ваква Европска Унија е во длабок процес на реструктурирање. Во еден процес на европски идеолошки реформи, во наплив на несогласувањата од досегашните либерални европски политики, се наметнува нашиот предизвик за наметнатиот начин за политичко со постојнава Европска Унија. Ова е легитимен, одговорен, рационален и патриотски чин во сегашниот момент! Ова е чин на самопочит и заштита на македонскиот народ и идентитет. Бриселското насилно наметнување на двата „добрососедски договора“ со Бугарија и со Грција, како и инсистирањето тие „доследно да се спроведуваат“, има цел да се доврши недовршеното од 1913 година: со одземањето на името Македонија и давањето на „вистинскиот сопственик“ – Грција, со меѓусебната поделба на македонската историја, на Грција античката, а на Бугарија средновековната и нововековната до 1944/1945, како со и поделба на преостанатото парче Вардарска Македонија – конечно и „целосно решавање на македонското прашање на Балканот“. Тоа е клучната појдовна основа што неолибералната Европа го наметна како единствен алтернативен пат по кој треба да се движи Македонија кон своите евроинтеграции. И покрај сето тоа, ние останавме доследни на нашата стратегиска цел – ЕУ-интеграција. Сепак, околностите сега се менуваат. Прекршениот меѓународноправен принцип на јус когенс излегува на виделина и сѐ повеќе е уважуван од меѓународната јавност и во актуелната нова светска констелација на меѓународни односи, а тоа е аргумент со кој настапуваше и ќе настапува Македонија во процесот на остварување на своите стратегиски меѓународни цели.
За новиот, проактивен и промакедонски пристап и дипломатско-политичка офанзива
Македонија знае точно каде ѝ е местото, не е ниту безначајна ниту без
аргументи и ресурси
Сегашната меѓународна дипломатско-политичка офанзива на државно-политичкото раководство на Република Македонија е насочена кон тоа како македонски народ и како граѓани на Република Македонија да испливаме над водата, која ни ја полнат до грло во базенот на фантомските „евроинтеграции“, како и со двата „добрососедски договора“, кои нѐ ставаат во дефанзива, но и многу повеќе од тоа. Заземен е проактивен меѓународен државно-политички пристап, за разлика на ставот на бившиот претседател Стево Пендаровски, кој заговара дека сме „мала и безначајна држава“, која „треба да знае кај ѝ е местото“ и оти „не ни прилега да застануваме рамо до рамо со Трамп и Америка“, да го поддржуваме!
Но сите досегашни и претстојни активности на државно-политичкото раководство на Република Македонија нема да го дадат целосниот и вистински ефект ако во нив не се вклучи и опозицијата. Што значи тоа? Како што се здружија старите македонски илинденци и револуционери во Втората светска војна со тогашните македонски комунисти во борбата против германскиот и бугарскиот фашизам и против нивните домашни соработници, како што тогаш се создаде слободната и суверена македонска држава Македонија, така и денес треба да се тргнат настрана недоразбирањата и разликите во политичките програми меѓу власта и опозицијата и да се обликуваат единствен државен став и државна позиција кон светот. Така и денес е потребно македонското национално единство, заради опстојот и развојот на Република Македонија во овие историски моменти.
Свето Тоевски