Она што сега е видливо во македонската надворешна политика, тоа е координиран и проактивен настап на целиот македонски државен врв, кој прави одредени процени за тоа кои меѓународни партнери би можеле во следниот период да бидат клучни за остварувањето на македонските интереси, како на национален така и на економски план
Широко отворени врати за македонската надворешна политика во светлото на геостратегиските предизвици
Координираната и проактивна надворешна политика е важен сегмент во подоброто позиционирање на земјата во светлината на новите геостратегиски прераспределби, а наоѓањето повеќе алтернативи е умешност однапред да се превенираат последиците што може да настанат доколку не се реализираат стратегиските цели кон кои тежнее Македонија.
Во тој контекст може да се набљудува и неколкудневната посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Азербејџан, во чии рамки оствари средби со државниот врв на оваа земја и со своите соговорници разговараше за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Во претходниот период и премиерот Христијан Мицкоски беше најпрво во посета на САД, а потоа и во посета на Унгарија и на Турција, афирмирајќи ги македонските позиции во контекст на новите светски превирања.
Градење перспективни релации што не се во спротивност со нашите национални интереси
Несомнено, доскорашната практика што ја водеше претходната влада во делот на надворешната политика, а која подразбираше да му се дадат одврзани раце на министерот за надворешни работи да ги води политиките онака како што тој мисли, ја однесе државата во ќор-сокак и во подредена улога кон соседите. Дополнително, сета надворешна политика беше насочена само кон една цел, евроинтеграциите, без притоа да се бараат решенија и алтернативи доколку се случи блокада на овој процес. Единствениот изговор за неуспешните политики беше дека Македонија нема друга алтернатива, а кога нема повеќе излезни опции, тогаш уцените многу полесно се испорачуваат.
Она што сега е видливо во македонската надворешна политика тоа е координиран и проактивен настап на целиот македонски државен врв, кој прави одредени процени за тоа кои меѓународни партнери би можеле во следниот период да бидат клучни за остварувањето на македонските интереси, како на национален така и на економски план.
Во таа насока посетите на претседателката, и на премиерот, но и на владините министри на повеќе светски центри, можат да се протолкуваат како еден вид градење релации за тактичко дејствување на краток рок, имајќи ја предвид актуелната динамика на настаните во Европа и пошироко во светот, кои буквално се одвиваат на дневна основа. Она што е уште поважно, тоа е воспоставувањето стратегиски врски и со други земји што на среден или на долг рок можат да придонесат за подобро позиционирање на Македонија на Балканот, во рамките на Медитеранската иницијатива, па дури и на пошироко глобално ниво, како фактор што може да ги придружува и коспонзорира иницијативите на поголемите светски играчи доколку тоа е во нејзин интерес.
Критиките кај дел од домашната јавност дека земјава едноставно треба да не се експонира во надворешната политика и да го чека исходот од пресметките меѓу големите играчи не држат вода бидејќи дури и малите држави, ако се доволно гласни, ќе добијат одредено внимание. Затоа настапот на македонскиот државен врв е полезен, одговорен и рационален, бидејќи целосно одговара на моменталните околности во светот, ги зема предвид фактите од поблиската и подалечна историја и, најважно од сѐ, не само што не ги затвора перспективите туку, напротив, ги отвора, односно дава простор за проактивна политика, која во конкретните околности треба да обезбеди најдобра можна позиција за Македонија.
А тоа ќе се оствари така што ќе се негуваат односите со традиционалните македонски пријатели, кои во одредени историски околности секогаш биле на страната на земјава, минувале низ исти или слични премрежиња. Исклучително е важно секогаш да се има предвид дека се бараат аргументи што ќе потврдат дека релациите што се воспоставуваат отвораат нови перспективи и можности, кои треба да донесат бенефиции за македонските граѓани и за државата генерално.
Кога безалтернативноста се заменува со алтернативи
Денешните перспективи и алтернативи во најголем дел треба да се набљудуваат преку призмата на безбедноста, економската соработка, енергетиката, инфраструктурата, клучни области поради кои се случува актуелниот геостратегиски земјотрес во светот.
Мултиетничкиот карактер на македонското општество е голем плус во остварувањето на таквите релации бидејќи преку малцинствата може да се создаваат поблиски врски со големи и важни земји како во регионот така и пошироко.
Клучно во новиот македонски правец во надворешната политика што сега го промовира државниот врв е широкото поле на дејствување, кое не се врзува само со евроинтеграциите обременети со бугарското вето, грчките опструкции и безалтернативноста туку се практикува еден проактивен пристап, кој нуди повеќе опции и решенија. Она што е клучно, тоа е дека стратегиската цел за полноправно членство во ЕУ останува и натаму како главна линија, но проблемите со кои се соочува ЕУ внатре се доволна причина Македонија да размислува и за алтернативни решенија ако утре Унијата реши да се трансформира и да се подели на сфери на влијанија, односно на Европа во повеќе лиги.
Се разбира, надворешната политика мора да биде втемелена на градење внатрешен консензус зад кој ќе застанат сите политики чинители, вклучувајќи го и целото македонско општество, наместо да се носат еднострани одлуки на штета на македонскиот народ, кои доведуваат до дополнителни внатрешни поделби и фрустрации. Клучно е сите да дадат свој придонес во оваа проактивна надворешна политика, наместо да се форсира само една опција и на сѐ друго да се гледа со скепса и недоверба.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека е добро кога има координиран настап во надворешната политика, а уште подобро е што се градат релации со повеќе држави и се напушта тој концепт на безалтернативност.
– Секако дека е добро кога надворешната политика е синхронизирана и кога настапите се заеднички. Треба да се градат односи со што е можно повеќе држави и да се воспостават добри релации – смета Пекевски.
Според него, стратегискиот курс за членство на земјава во ЕУ треба да се задржи, но тоа не смее да биде пречка за барање други опции што ќе одат во прилог на македонските интереси.
– Секако, не треба да се заборави ЕУ, но свесни сме дека поддршката од таму не е на потребното ниво. Одлична работа е што веќе не се потпираме само на ЕУ, туку и самостојно се грижиме за интересите на Македонија и градење подобра иднина – заклучува Пекевски.