Фото: Приватна архива

Карате-репрезентативката Вероника Костовска, која е поранешна европска кадетска шампионка од 2015 година, е единствената од Македонија што ќе настапи на турнирот во Кина

КАРАТЕ – ПРЕМИЕР-ЛИГА ВО КИНА

Карате-репрезентативката и членка на скопскиот клуб Олимпик Вероника Костовска (тежинска категорија до 61 кг) е единствената од Македонија што ќе настапи во дисциплината борби на престижната Премиер-лига во кинескиот град Хангжу од утре до недела. Костовска ,покрај тренинзите со матичниот клуб во Скопје, беше и во кампот во Аранѓеловац (Србија), каде што се подготвуваше со каратистките на Србија, предводени од поранешната европска и светска шампионка Роксанда Атанасов, која сега е тренерка на светската, европска и олимписка шампионка, Србинката Јована Прековиќ. Костовска моментално е на 50-то место на светската рејтинг-листа во карате.
– Моите очекувања се, како и секогаш, пред сѐ да го дадам максимумот на татамите и да се претставам себе и Македонија во најдобро светло. Се подготвував напорно и фокусирано, како во мојот матичен клуб Олимпик така и во Србија, со истакнатата тренерка Роксанда Атанасов. Само смирено и фокусирано сметам дека можам да дојдам до голем резултат – ни изјави Костовска по пристигнувањето во Кина.
Костовска во февруари 2015 година стана европска шампионка во кадетска конкуренција (категорија до 54 кг), откако во финалето ја совлада Французинката Гвендолин Филипе со 5-0 на Европското првенство, кое се одржа во Цирих (Швајцарија). Г.И.