Како што станува сѐ поизвесно дека украинската криза мора да се реши на зелена маса, и тоа сега и веднаш, почнуваат да се отвораат нови патишта во европската политика, која почнува да сфаќа дека билатерализацијата на процесот на проширување ја ослабува Европа одвнатре, така што Македонија во овој момент треба да биде мудра и да се постави рационално кон сите партнери што можат да помогнат во реализација на нејзините национални интереси
Во време на тектонски геостратегиски потреси секоја наша одлука треба да биде предмет на многустрани анализи
Во време кога се случуваат големи геостратегиски потреси, кога повеќе од јасно е дека се крои новата светска мапа на влијанија, исклучително важно е Македонија да не ги повторува грешките од минатото, односно да избрзува со правење нови компромиси што потоа скапо ја чинат.
Сега одново се подготвува репетиција на бриселската мантра „уставни измени“, и покрај тоа што „за она што во моментот се случува во Европа (и во светот) нема никакви гаранции, никаква извесност или предвидливост во која насока ќе тргнат работите“! Во тој контекст соговорниците истакнуваат дека „уште една нова авантура со националните интереси би била крајно погубна за Македонија“!
„Земјата“ морала да прави компромиси?!
Несомнено, она што е работа на странските дипломати и политичари е да настапуваат од позиција на задоволување на сопствените интереси, па од таа перспектива можат да се толкуваат нивните изјави дека „земјата мора да прави компромиси“ (!?), иако во последно време можат да се слушнат и тонови дека во овие чудни времиња треба добро да се осмисли секој иден чекор пред да се направи.
– Ги знам фрустрацијата и оправданото разочарување на луѓето овде во вашата земја и регионот. Можеби оваа нова ситуација ќе ни даде сила и моќ да ги надминеме билатералните прашања, бидејќи Германија е обединета да не се одолжуваат некои работи – порача претставникот на фондацијата „Конрад Аденауер“ Даниел Браун, говорејќи во рамките на завчерашниот панел „Евроатлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан“, кој се одржа во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Ваквите изјави несомнено навестуваат нови патишта во европската политика, која почнува да сфаќа дека билатерализацијата на процесот на проширување ја ослабува Европа одвнатре, така што Македонија во овој момент треба да биде мудра и да се постави рационално кон сите партнери што можат да помогнат во реализација на нејзините национални интереси.
Најпрвин заштита на националните интереси, притоа да не се напуштаат стратегиските цели
Според Васко Наумовски, професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор во САД, во контекстот во кој се наоѓа државата најпрво треба да ги заштити националните интереси, притоа да не се напуштаат стратегиските цели, членство во ЕУ и зајакнување на билатералните односи со САД.
– Она што останува како дилема е колку процесот на проширување е на агендата на ЕУ во овој момент, особено во контекстот кога се прави огромен напор за постигнување пошироко и поцврсто европско единство. Прашањето е дали ЕУ е подготвена да го врати проширувањето високо на агендата со цел да се создаде тоа толку посакувано европско единство и да се зајакне глобалната улога на Европа – истакна Наумовски.
Катерина Јакимовска од центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел истакна дека живееме во рапидно изменет свет, кој не е ист од пред неколку недели.
– Јасно е дека новите геополитички промени наметнуваат и репозиционирање на земјите во регионот, особено по континуираните разочарувања во однос на европската интеграција… Сакам да потсетам дека како дел од регион што е дел од историски ревизионизам, треба да бидеме исклучително внимателни. Сѐ уште не можеме да бидеме сигурни чија идеја ќе се разбуди и ќе биде поддржана – посочи Јакимовска.
Некои од преостанатите аналитичари со кои поразговаравме го делат мислењето дека државата мора да носи внимателни одлуки.
– Со доаѓањето на Мерц, тој ќе се обиде да се наметне како лидер на Европа, така што не е исклучено некои работи што се од билатерална природа, а го кочат процесот на проширување, да се надминат. Сега е важно со ладни глави да почекаме да видиме каква ќе биде разврската со украинската криза, а потоа многу работи ќе бидат појасни. Ако Украина оди на брз колосек во ЕУ, ќе одиме и ние, дури и на многу побрз одошто мислиме. Македонија во овие 20 години кандидатски статус веќе ги има исполнето потребните критериуми, така што сега е паметно да почекаме барем уште малку – велат аналитичарите.