Првиот македонски мјузикл во кој играат деца „Земја во која не се стигнува“ премиерно беше изведен во неделата на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје.
И како и на секоја голема премиера, имаше голема возбуда, креативна трема кај младите актери, задоволство и насмевки кај професионалците и, се разбира, многу аплаузи на крајот на претставата.
Па, иако сцената на која премиерно беше изведен мјузиклот „Земја во која не се стигнува“ беше мала, сепак, видовме сѐ што треба да има една успешна музичка претстава.
Режисерката Џолева успеала да направи мјузикл што пулсира во ритамот на новите генерации, иако станува збор за адаптацијата според музика и текст на Александар Џамбазов и Оливера Николова, изведени пред 55 години во форма на детска радиодрама.
„Идејата да направам прв македонски мјузикл за деца во кој тие ќе играат, пеат и ќе глумат ја носам одамна. Јас бев тоа дете што пееше, глумеше и, на некој начин, танцуваше. Со мјузиклот сакам да им се заблагодарам токму на тие луѓе што влијаеле на моето детство и на создавањето на мојата личност, Џамбазов и Николова“, вели режисерката Џолева.
Драган Спасов-Дац, кој го толкува ликот на Чичко Сѐ и кому ова му е трета претстава во Театарот за деца и младинци, вели дека за него ова било едно несекојдневно искуство „по толку многу години да игра повторно со и за деца“.
Музичкиот продуцент Александар Митевски вели дека првпат кога ги слушнал 33-те песни на Александар Џамбазов бил восхитен и убеден е дека тие не само што ќе живеат на сцена додека се игра мјузиклот туку и ќе станат вистински хит кај пошироката публика.
Новите аранжмани на 15-те песни ги направи Дамир Имери. На овој уникатен проект соработуваше и Софија Гогова-Врчаковска.
Во претставата играат Драган Спасов-Дац, Катарина Илиевска-Силјановска и Мартин Јорданоски, како и 15 деца што беа одбрани на аудиција од 130 пријавени учесници: Јован Петровски, Лука и Петар Златкови, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили, Ема Ќулавкова, Марија Јанчевска, Мања Митевска, Луна Бејков, Јелопи Седеу Нишевиќ, Лара Трпчевска, Лена Катја Илиевска, Ирина Давидовска, Неда Димкова и Ангела Алексовска.
Костимите се на Елена Дончева, кореографијата е на Кренаре Невзати-Кери, драматург на мјузиклот е Маја Стефановиќ, а видеопроекцијата и анимацијата се на Емил Петро.