Нов спортско-рекреативен центар се гради во месноста Дупки во Драчево, со што Општина Кисела Вода продолжува да инвестира во обновата на спортска инфраструктура на својата територија. За две години, ова е дванаесеттиот спортско-рекреативен центар, кој по завршувањето на градежните активности, на љубителите на спортот ќе им нуди многу содржини. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека се градат фудбалско, кошаркарско, одбојкарско и тениско игралиште и фитнес-зона, кои ќе бидат опремени со спортски реквизити, урбана опрема и осветлување и до кои ќе води пристапна улица, а во непосредна близина ќе се изгради и паркинг-простор.
– Љубителите на спортот добиваат уште една локација за развивање на своите таленти. Местото викано Дупки во Драчево наскоро ќе биде собирно место за спортски натпревари во сите дисциплини, бидејќи тука градиме спортски комплекс што ќе нуди фудбалско, кошаркарско, одбојкарско и тениско игралиште и фитнес-зона. Тие ќе бидат изведени во согласност со сите стандарди. На фудбалското игралиште ќе има вештачка трева, додека кошаркарското, тениското и одбојкарското ќе имаат акрилна подлога. Секако, ќе поставиме и спортски реквизити и урбана опрема, терените ќе ги осветлиме и ќе ги издвоиме со ограда. Градиме и пристапна улица, а секако мислевме и на решение за паркинг-простор бидејќи очекуваме ова да биде популарно собиралиште за сите помлади и повозрасни рекреативци од овој дел на градот. Заложбите за изградба на спортска инфраструктура ,кои се силен печат на сета наша досегашна работа, резултираат со вакви капитални проекти и големо е моето задоволство што можам да кажам дека ова е 12-от ваков спортско-рекреативен центар што го градиме за само две години во општината Кисела Вода. Продолжуваме со несмалена динамика бидејќи инвестирањето во спортот значи инвестиција во физичкото и менталното здравје на сите наши жители – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Кога станува збор за aктивностите на општината, паралелно се врши aсфалитирање на улиците во населбата Градинар.
Започна реконструкцијата на улицата Борис Трајковски 7, со должина од околу еден километар, и уште шест други улици со должина од околу 750 метри. Се работи за нова фаза од проектот за обнова на патната инфраструктура во оваа населба, каде што во изминатиот период Општина Кисела Вода изгради фекална канализација. Паралелно со асфалтирањето на овие сообраќајници се одвива поплочување со павер -елементи и на повеќе други краци од улицата 7. До крајот на годинава ќе биде финализиран овој обемен проект со површина од 12.000 м2, кој на жителитe од Градинар конечно ќе им донесе современи услови за живот и квалитетна подземна и надземна инфраструктура.


Реконструкција на коловозите

Општина Ѓорче Петров започна со целосна реконструкција на коловозите на улиците Никола Вукмировиќ и Вера Циривири-Трена, на вкупна површина од 3.000 квадратни метри и должина од 650 метри. Овие две централни сообраќајни артерии ќе бидат опремени со нов квалитетен асфалт, што ќе го подобри безбедносното и удобното движење на граѓаните.
Проектот, чија вредност изнесува приближно 35.000.000 денари, е финансиран од Владата на Република Македонија. Оваа инвестиција е дел од поширокиот план за модернизација на инфраструктурата во општината.
Во наредната фаза, од општината најавуваат дека планираат да ги реализираат следните активности:
• Реконструкција на улицата Николај Островски
•Пробивање на улицата Социјалистичка зора со Сремски фронт
•Изградба на нов локален пат од Волково до селото Орман
– Оваа реконструкција е уште еден чекор кон подобро Ѓорче Петров. Со обновените улици, граѓаните ќе имаат погодни и безбедни услови за движење, а ова е само дел од нашите планови за целосна модернизација на инфраструктурата во општината. Благодарни сме ѝ на Владата за поддршката, а на граѓаните им ветуваме дека ќе продолжиме да работиме на вакви проекти што го подобруваат секојдневниот живот на сите жители – велат од Општина Ѓорче Петров, кои се пример за активно вложување во јавната инфраструктура, со цел да се осигури дека секој жител ќе има пристап до безбедни и модерни патишта.


Македонски Брод

Приоритет за социјалните услуги

Во општината Македонски Брод во моментов во тек на реализација се проектните активности за реконструкција и пренамена на детска градинка во дневен центар за деца со пречки во развојот. Како општина со најголем број згрижувачки семејства во земјата, семејства во кои децата со пречки во развојот добиваат семејна топлина, љубов и внимание, во општината ја согледале неопходноста од нивна поширока социјализација.
– Општината во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади за првпат започнува со реализација на еден ваков проект во Македонски Брод. Проектот опфаќа активности за реконструирање и адаптирање на стар објект, кој е во сопственост на детската градинка од Македонски Брод. По реализацијата на проектните активности, овој објект ќе биде место каде што децата со пречки во развојот ќе може да се дружат, забавуваат и едуцираат со помош на соодветен стручен кадар, во согласност со законските регулативи на државата. Вредноста на овој проект изнесува 16.898,965,00 денари – велат од Општина Македонски Брод.


Велес

Се подготвуваат нови проекти

Општина Велес со нови проекти ќе аплицира за добивање средства за капитални инвестиции во општината. Станува збор за 15 проекти, со кои се обезбедуваат средства за: реконструкција на патот Отовица-Сојаклари; реконструкција на патот Чалошево-Дорутовец; реконструкција на влезот во селото Иванковци; реконструкција на влезот во Башино Село – потегот од Енмон до сретсело; реконструкција на влезот во селото Караслари – потегот од бензинската пумпа „Макпетрол“ до сретсело; реконструкција на влезот во селото Мамутчево; реконструкција на плоштадот во центарот на градот; реконструкција на противпожарниот дом, заедно со помошниот објект и партерно уредување; реконструкција на спортската сала „Гемиџии“ – електрика, водовод и дел од архитектурата; реконструкција на улицата Васил Главинов, со изградба на потпорен ѕид; реконструкција на фасадата на ССОУ „Димитрија Чуповски“, реконструкција на улицата Васил Ѓорѓов – од крстосницата кај театарот до плоштадот „Којник“; реконструкција на улицата 11 Октомври; реконструкција на улицата Белградска – делница од градинката до магацините на ЈКП „Дервен“; реконструкција на улицата Алексо Демниевски Бауман – потегот од поранешен „Жито Вардар“ до железничката станица.
Од општината велат дека со проектите ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Подготвила: Каролина Мицевска