Фото: Принтскрин

Од 30 до 35 отсто од луѓето во Македонија имаат веќе проблем со обезност, додека во светот бројката изнесува една милијарда. За десет години, според проекциите ќе порасне за 50 отсто, и тоа не само во развиените држави, туку и во државите што се во развој како што сме ние. Значи не е проблем само на популацијата што има подобри услови за живеење, туку и во државите кои што се развиваат – посочи министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на обезноста.

Како што посочи Таравари, во земјава има два центри за третман на обезност, односно Клиника за ендокринологија и Градската општа болница „8 Септември“, но, како што рече, наскоро Клиниката за ендокринологија ќе се дисперзира и во Прилеп. Тој нагласи дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување веќе ја имаат набавено инсулинската терапија и сѐ што е потребно за луѓето со дијабет.

– Ние како Министерство за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, би сакале да се пофалиме дека оваа година веќе ја имаме инсулинската терапија и сето тоа што треба за луѓето со дијабет, веќе е обезбедено и сме во процедура за обезбедување околу 10-20 отсто повеќе. Исто така ќе има третман за пациенти кои што се со дијабет и со обезност, кои што се третираат со специфична терапија. Оваа година таа бројка ќе порасне за 200 пациенти повеќе, што е релативно голема бројка. Исто така, сензорите во изминатите две години беа за 650 пациенти, оваа година ќе бидат 800 пациенти, што е релативно добра бројка, иако не е сосема доволна, не е само за пациентите, односно децата веќе со дијабет, туку и други пациенти кои што се во ризични групи – рече Таравари.

Додаде дека првпат во државата Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство ќе го покриваат 25 пациенти, кои ќе можат да се оперираат.

– Исто така да најавам што е новост, за првпат во државата, 25 пациенти преку Фондот и Министерството ќе можат да се оперираат, ако се обезни и постојат индикации за операција, тоа што комплетно ќе го покрива и ќе биде најдобриот систем, да речам, што е прв пат, новина се случува во нашата држава – рече Таравари.

На денешната прес-конференција присутен беше и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, кој нагласи дека годинава за првпат е одобрен буџет за изведување баријатриска хирургија на Клиниката за дигестивна хирургија. Овие средства, посочи Клековски, се во висина од околу 120 милиони денари.

– Идејата е дека кога постојат силни медицински индикации, не естетски, тука силни медицински индикации, кога тежината не може на ниеден друг начин да се контролира, да се пристапи кон овој начин на интервенција. Тука треба да признаеме дека веќе дебелината не ја гледаме како естетски проблем, туку како здравствен проблем, и како вложување во здравјето на единките, бидејќи некои од работите, како што е дијабетот не може да бидат апсолвирани без регулирање на тежината – рече Клековски.