Фото: Влада на РМ

Една изјава на францускиот амбасадор во Македонија директно го покажа сето европско лицемерие. Имено, кога се работи за европските интереси, тогаш треба да постои единствен европски одговор кон оние што посегнуваат по нечиј суверенитет, идентитет и јазик. Но кога посегнуваат по нечиј суверенитет, идентитет и јазик земји членки на Унијата, тогаш тоа е „европска вредност“

Франција е против загрозување на суверенитетот, идентитетот и јазикот, но само кога не се однесува на Македонија

Актуелните случувања со Украина и европскиот ангажман покажуваат дека кога се работи за интересите на Европа, тогаш политиките секогаш се засноваат на двојни стандарди, кои за некои држави важат, а за други не.
Имено, Европската Унија ги погази сите свои принципи и критериуми кога најави дека Украина е подготвена за членство на брза лента бидејќи, како што изјавуваат бриселските челници, постигнала фрапантни резултати со реформите.
Дополнително, за Европа била клучна европската вредност, која подразбира почитување на територијалниот интегритет, суверенитет, жестоко противење на агресивното однесување на еден сосед кон друг, агресија изразена до таа мера што се негира постоењето на еден народ, неговиот јазик, а со тоа и на целиот негов идентитет.
– Вредноста што денес ја даваме во Европа кон територијалниот интегритет и почитувањето на сувереноста, а против империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед до тој степен што се негираат неговото постоење, идентитет и јазик, е тема што бара единствен и обединет европски одговор – изјави неодамна францускиот амбасадор во Македонија, Кристоф Ле Риголер, одговарајќи на новинарски прашања во ЕУ-инфоцентарот каде што се одржа настан по повод презентацијата на програмата за годинашното одбележување на франкофонијата.
Изјавата на францускиот амбасадор беше дадена како одговор на прашањето поврзано со македонското гласање во Обединетите нации во врска со резолуциите за Украина, кога македонската страна се јави во улога на коспонзор на американската резолуција, а се однесуваше на руската агресија врз Украина.
Одговорот на францускиот амбасадор всушност директно го покажува сето европско лицемерство, односно кога се работи за европските интереси, тогаш треба да постои единствен европски одговор кон оние што посегнуваат по нечиј суверенитет, идентитет и јазик, но кога тоа го прават земји членки на Унијата, тогаш тоа е „европска вредност“.

Дополнително, во одговорот на францускиот амбасадор всушност се крие и лицемерството на неговата земја Франција кон Македонија, кога и покрај тоа што на земјава ѝ беше ветувано дека ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ ако го промени името, на сцена стапи токму францускиот претседател Емануел Макрон, кој го стави првото вето и ја блокираше земјата на понатамошниот евроинтегративен пат.
Сега истиот француски претседател повикува Европа да не им се покорува на Американците.
– Гледам многу луѓе во Европа што велат: „Мораме да бидеме добри со Американците, ова ќе помине“. Но покорувањето не е решение – нагласи шефот на француската држава, кој се залага за стратегиска автономија на Европа и нејзина независност од американското влијание.
Од една страна, Макрон нагласува оти „покорувањето на Европа кон Американците не е решение“, а од друга страна заедно со својот советник Александре Адам го изготви во 2022 година „француски предлог“ за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, со кој на македонската држава ѝ беше наложено целосно покорување кон Бугарија и целосно прифаќање на сите бугарски барања за бугаризација на македонскиот народ, неговата историја, идентитет и јазик.

Ставајќи се лицемерно во улога на „софиски санстефански адвокат“, во полза на Бугарија, Франција, нејзиниот претседател и другите политичари и дипломати на оваа европска држава пројавуваат максимална почит за сувереноста на Бугарија и минимална или никаква почит на сувереноста на Македонија.
Францускиот амбасадор во Македонија, Ле Риголер, ја изнесе критиката на неговата Франција во однос на „империјализмот на Русија кон Украина“, како што посочи, „критиката на империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед до тој степен што се негираат неговото постоење, идентитет и јазик“. Но, од друга страна, Франција штедро го поттикнува и го поддржува империјализмот, поточно кажано хегемонизмот на Бугарија – членка на ЕУ – кон Македонија, исто така, до тој степен што се негираат постоењето на македонскиот народ и неговиот идентитет и јазик!
Кажано со терминологијата на францускиот дипломат во Скопје, сево ова бара „единствен и обединет македонски одговор“! Таквиот принципиелен одговор кон непринципиелната и лицемерна Европска Унија и поодделно кон непринципиелната и лицемерна Франција веќе пристига со новата македонска надворешна политика, која останува фокусирана кон евроинтеграциите, но со целосно почитување на македонското државно и национално достоинство и без никакво завлегување во идентитетско-историскиот комплекс на македонскиот народ.


Француската повеќевалентност во политиката опсервирана од повеќе страни

Потврда дека Франција води дволична политика пристигаат од сите страни од светот. Анализирајќи ја француската надворешна политика од аспект на почитувањето на човековите права, политичкиот аналитичар Лукман Харес ќе ѝ даде не случајно на својата статија наслов „Гледајќи низ двојните стандарди и лицемерството на Франција“, која е објавена на 31 октомври 2020 година во „Мидл Ист монитор“.
Д-р Тарек Черкауи, Михаел Арнолд и Мерве Ајдин во научна статија, исто така, не случајно насловена „Организирано лицемерство на француската надворешна политика“, објавена од Истражувачкиот центар ТРТ со седиште во Истанбул, Турција, ќе констатираат: „Француската надворешна политика не одразува поглед поврзан со демократијата, владеењето на правото и почитувањето на суверенитетот и човековите права, и покрај постојаната реторичка поддршка за демократијата и правата“.