Фото: ЕПА

Американската Академија за филмски уметности и науки утрово ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот „Анора” (Anora) триумфираше со пет освоени одличија, од вкупно шест номинации. Емисијата ја водеше Конан О’Брајен.

На годинашното, 97-то доделување „Оскари“, независниот филм „Анора” ги доби признанијата за најдобар филм, женска главна улога (Мајки Медисон), монтажа, како и наградите за најдобра режија и оригинално сценарио, коишто му припаднаа на Шон Бејкер.

Фото: ЕПА

Најдобри споредни глумица и глумец, соодветно, се Зои Салдања (за филмот „Емилија Перез“) и Кијеран Калкин („Вистинска болка“). Статуетката за главна машка улога отиде кај Адријан Броди за остварувањето „Бруталист“ коешто ја има и најдобрата кинематографија.

„Злобница“ (Wicked) ja има најдобрата костимографија, „Субстанција“ (The Substance) – најдобра шминка, а „Дина 2“ – најдобри звучни и визуелни ефекти.

Најдобро адаптирано сценарио има филмот „Конклава“.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби „Сѐ уште сум тука“ (Ainda Estou Aqui) продуциран во Бразил и Франција.

Најдобра филмска песна е „El mal“ на Клемен Дукол, од „Емилија Перез“.

Најдобар цртан филм, според американската Академија, е „Течение“ (‘Straume’, ‘Flow‘). Најдобар краток филм е „Не сум робот“. Најдобар краток цртан филм е „Во сенката на чемпресот“.

Најградата за документарен филм отиде кај „Нема друга земја“ (No Other Land), во палестинско-норвешка со-продукција, како што стои во описот на филмот.

Најдобар краток документарец е „Единственото девојче во оркестарот“.


Вкупно 25 номинирани и годинава ќе добијат подароци вредни илјадници долари
Номинираните за „Оскарите“ и годинава ќе добијат вредни подароци, со ваучери за патување и престој во хотели со пет ѕвезди, објавија американските медиуми.

Слоганот на маркетинг-агенцијата „Дистинктив асетс“ (Distinctive Assets), којашто секоја година ги доделува наградите е – „Сите се победници“. Тука спаѓаат номинираните во главните категории најдобра машка главна и споредна машка улога, главна и споредна женска улога и режисер. Тоа значи оти 25 познати личности ќе ги добијат овие скапи подароци, меѓу нив и – Тимоти Шаламе, Деми Мур, Адријан Броди и Зои Салдања.

Годинава не се знае колку точно, и вкупно, чинат подароците, но лани номинираните уметници добија „споредни награди“ од околу 165.000 евра.

Меѓу најскапите подароци се патувањата – петдневен престој во луксузен велнес центар во Шри Ланка, четиридневен престој во луксузно одморалиште на Малдиви и одмор во хотел со пет ѕвезди во Барселона, Шпанија.

Номинираните за Оскар ќе добијат и третман за тело во центар за липосукција, како и пакет производи за нега на кожата, накит, слатки задоволства, алкохолни пијалоци, облека и чанти.

А, самата награда „Оскар“ е позлатена статуетка од британиум на црна метална основа, долга 13,5 инчи (34 сантиметри) и тешка 3,85 килограми. Прикажува исправен маж во стилот на „Арт Деко“, кој држи меч додека стои на ролна филм. Академијата обично не ги организира подароците, туку маркетинг-агенцијата којашто обезбедува подароци и на други слични свечености.


Конан О’Брајан „ги задеваше“ скараните Кендрик Ламар и Дрејк

Можеби една од „најзачинетите“ шеги на Конан О’Брајан како водител на „Оскарите“ утрово, беше околу препукувањето меѓу поп-пејачите Дрејк и Кендрик Ламар.

– Така, дојдовме на средина од шоуто, што значи дека сега е време Кендрик Ламар да излезе тука и да го нарече Дрејк „педофил“… Не грижете се, адвокати стојат зад мене! – рече О’Брајан низ смеење.

Алузијата беше на настапот на Ламар на полувремето на „Супербоул“ овој февруари, кога низ својот хит „Not Like Us“, раперот „му залепи“ етикета „Сертифициран педофил“ на својот колега. Кавгата меѓу музичките ѕвезди трае од лани, но се чини, кулминираше минатиот месец, објави „Варајети“ (Variety).

Дрејк поднесе и тужба против Ламар и неговата продуцентска куќа. Тој ги обвинува за клевета и тормозење, ширејќи „лажен и злонамерен наратив“ дека тој е некаков „педофил“, преку песната.