И покрај сѐ помалиот обем на работа, последниот кичевски казанџија Коста Галиман останува верен на фамилијарната традиција стара повеќе од еден век. Период кога генерации од неговата фамилија биле надалеку познати казанџии.
– Нашата фамилија повеќе од еден век се занимавала со казанџискиот занает, а тоа го чини и денес благодарение на мојот ангажман. И покрај сѐ послабиот промет, не сакам да ја прекинам традицијата и продолжувам да се занимавам со казанџискиот занает. Може и сами да забележите дека во мојот дуќан влегуваат сѐ помалку муштерии, ги нема жителите од повеќето села од општината, кои со децении се занимаваа со земјоделско производство, бидејќи најголем дел од нив заминаа на печалба во странство. Денес мојот дуќан го посетуваат сопственици на постари марки камиони чии ладилници јас ги поправам, потоа крпам тепсии и бакарни ѓумови и ретко кој доаѓа да го санира својот казан, а нема земјоделец што се определил да купи нов казан – вели Коста.
Тој ветува дека ќе работи уште долги години и покрај непобитниот факт дека обемот на работа се намалува.
– И покрај овие факти, јас и понатаму ќе продолжам да се занимавам со казанџиството, а ќе го правам тоа сѐ додека ме служи здравјето. Не би можел да се замислам во текот на денот да не поминам барем два часа во казанџискиот дуќан. Дел од старите муштерии сѐ уште ме посетуваат и ме потсетуваат на старите добри времиња кога без овој занает беше незамисливо земјоделството – вели Коста, непоправливиот оптимист, убеден дека овој занает уште долго ќе живее.
З.А.