Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска за нов претседател го избра Александар Стефанов, давајќи му доверба на досегашниот член на Управниот одбор да го води македонскиот ракомет во следните четири години.
Стефанов беше избран за прв човек на РФМ со акламација на редовното изборно Собрание во Скопје како единствен кандидат, на местото на долгогодишниот претседател на РФМ Живко Мукаетов.
– Чест и одговорност е да ја претставам мојата програма. 26 години сум во ракометот, дел како играч и дел како раководител на РК Бутел и овој спорт ми е најголема пасија и желба. Сакам да продолжиме да го унапредуваме македонскиот ракомет.Сакам да изградиме систем на издржливост на нашиот спорт. Мојата програма се состои на некои основни столбови. За здрава основа потребно е да поработиме на инфраструктурата и нејзиниот развој. Во првите две години планирана е изградба на ракометен дом, кој ќе ги згрижи сите младински и сениорски категории, еден мулти-функционален центар, кој ќе понуди сала, фитнес-центар, канцеларии…Ќе ставиме акцент на женскиот ракомет, каде има голем простор за напредок. Ќе го промовираме овој аспект со трибини, ТВ-емисии и заложба на нашите легенди да ни помогнат нашите деца да го изберат ракометот како свој спорт. Сакаме да формираме лига во мини-ракомет, натпреварување за деца од 8 до 12 години на територија на цела Македонија. Финансискиот аспект на федерацијата е во сигурни раце и веќе разговараме со неколку потенцијални спонзори. Во план е изработка на софтвер, со кој би се олеснила административната работа. Ни претстои година на големи натпреварувања на кадетската и младинската селекција, треба да ги активираме и најмладите селекции и да поттикнеме уште повеќе луѓе да бидат дел од нашиот спорт. Во план е генерален покровител на Женската лига, бидејќи женската одбојка ни го зеде приматот и треба да направиме што е во наша моќ за да го вратиме женскиот клупски ракомет таму каде што припаѓа – истакна по изборот Стефанов.
Смената на претседателското место доаѓа, откако Мукаетов се повлече од должноста која со голем успех ја извршуваше изминатите 12 години во кои ги крена стандардите на клупскиот и репрезентативен ракомет во Македонија.
– За 12 години, колку што траеше мандатот на оваа раководна гарнитура, не само што успеавме да го реализираме зацртаното, туку патем, се справивме и со бројни предизвици на кои им посветувавме должно внимание, со цел македонскиот ракомет да функционира на завидно ниво – порача Мукаетов.