Ретките земјени елементи се класа од повеќе од 17 минерали – вклучувајќи итриум, цериум и лантан – кои се наоѓаат во трагови низ површината на Земјата. За нив има зголемена побарувачка за употреба во производи како што се батерии, компјутери, паметни телефони, магнети и високотехнолошки електрични автомобили и оружје
Интересите на големите сили се преплетуваат околу ретките минерали
По првичното одбивање од страна на Украина да го прифати американскиот предлог за експлоатација на ретки минерали, утре во Белата куќа се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да стави параф на нов договор со кој ќе се официјализира американското користење на ретките минерали.
– Постигнавме договор со голем број добри амандмани и сметаме дека тоа е позитивен исход – изјави неименуван украински функционер за „Скај њуз“.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп потврди пред новинарите дека Зеленски „доаѓа во посета во петок“ и додаде дека украинскиот претседател „би сакал да потпише договор за минерали“.
– Во основа се договоривме за нашиот договор за ретки минерали – рече Трамп.
Договорот предвидува формирање нов фонд што ќе инвестира во украински минерали, ретки земјени материјали и други природни ресурси. Клучна промена од претходните предлози што украинската страна ги одбиваше е тоа што документот повеќе не го содржи барањето на САД за правото на 500 милијарди американски долари потенцијални приходи од овие ресурси, што Зеленски претходно го опиша како несериозна понуда.
Без оглед што во новата верзија на договорот повторно не се вклучени безбедносните гаранции што Украина ги посакуваше, договорот може да отвори долгорочна соработка меѓу Киев и администрацијата на Трамп по неколкунеделни напнати преговори.
Украинските власти го гледаат договорот како важен чекор во продлабочувањето на економските и стратегиските односи со САД, особено во контекст на војната со Русија.
САД директно заинтересирани за украинските минерали, Русија нуди истражувачко партнерство
Информациите за договор доаѓаат помалку од еден месец откако претходно на почетокот на месецот Трамп рече дека неговата администрација „се обидува да склучи договор со Украина за да ги добие нивните ретки земјени и други минерали за она што им го даваме“, наведувајќи ја сета воена поддршка што САД ја дале за време на конфликтот со Русија, во замена за пристап до клучните минерали.
Од тој момент, спорот за украинските резерви на критични минерали се најде во фокусот и на Минхенската безбедносна конференција, при што беше разменета остра серија критики меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека го отфрлил првичниот предлог на САД, делумно затоа што нема конкретни безбедносни гаранции.
Она што потоа следуваше беше засилување на напорите од страна на Белата куќа за постигнување договор со Киев за критичните минерали, а Трамп на 24 февруари рече дека очекува Зеленски да дојде во Вашингтон во рок од две недели за да го потпише договорот. Украинскиот вицепремиер Олха Стефанишина, на социјалната мрежа Икс, обзнани дека разговорите за договорот се во „финална фаза“ и дека „речиси сите клучни детали се финализирани“.
Во врска со ретките минерали се огласи и рускиот претседател Владимир Путин, кој за време на претседавањето на состанокот за ретките минерали, отворено им понуди на САД заеднички да ги истражуваат руските наоѓалишта.
– Ние несомнено, сакам да нагласам, имаме значително повеќе ресурси од овој вид од Украина – истакна Путин.
Неговата понуда следуваше откако Трамп ги поздрави можностите за блиска американско-руска економска соработка во случај на мировен договор. Тој се осврна на чувствително прашање во срцето на неговата војна против Украина и веројатно ќе биде голема спорна точка додека продолжуваат напорите за завршување на војната, сугерирајќи дека потенцијалните договори за истражување за ретки минерали би можеле да вклучуваат наоѓалишта во деловите на Источна Украина окупирани од Русија, во регионот богат со ресурси познат како Донбас.
Украинската вицепремиерка Јулија Свириденко на прес-конференција на 23 февруари рече дека „околу 350 милијарди долари од овие корисни критични минерали“ се наоѓаат на територијата окупирана од страна на Русија.
Според податоците на Американскиот геолошки институт, со 3,8 милиони тони, руските резерви на ретки земјини минерали се петти по големина во светот. Главните руски компании за рударство и производство на ретки елементи беа национализирани по почетокот на руската инвазија врз Украина и сега се под контрола на „Росатом“, државната нуклеарна компанија.
Ретките земјени елементи се класа од повеќе од 17 минерали – вклучувајќи итриум, цериум и лантан – кои се наоѓаат во трагови низ површината на Земјата. За нив има зголемена побарувачка за употреба во производи како што се батерии, компјутери, паметни телефони, магнети и високотехнолошки електрични автомобили и оружје.
Постоен меморандум за разбирање меѓу Украина и ЕУ
Интерес за ретките минерали во Украина покажува и Европската Унија, а новинската агенција АФП објави дека претставник на ЕУ рекол дека Брисел предложил посебен договор меѓу ЕУ и Украина за време на посетата на Киев на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 24 февруари, на третата годишнина од почетокот на инвазијата.
– Дваесет и еден од 30-те критични материјали што ѝ се потребни на Европа може да ги обезбеди Украина во партнерство меѓу двете страни – рече европскиот комесар за индустриска стратегија Стефан Сежурн, притоа додавајќи дека „Европа нема никогаш да бара договор што не е заемно корисен“.
Сепак, портпаролот на Европската комисија, Томас Регние, на 25 февруари рече дека „нема предлог“ од ЕУ, додавајќи дека Унијата има партнерство со Украина за критичните минерали од потпишувањето на меморандумот за разбирање во 2021 година.
– Фон дер Лајен ја потврди својата посветеност за спроведување на тој меморандум за разбирање и забрзување на работата за зајакнување на нашето заемно корисно партнерство… Како што можете да видите, ова е навистина за соработка со Украина, а не за некаков вид конкуренција со САД – појасни Регние.
Зборувајќи за РСЕ, под услов да остане анонимен, висок функционер на ЕУ рече дека би бил „изненаден“ доколку Фон дер Лајен и Европската комисија „сакаат да им се спротивстават на САД за ова прашање“.
Како и да е, трката за тоа кој повеќе ќе зграби од украинските ретки минерали полека почнува да ја разјаснува сликата за толкавиот ангажман на сите земји околу војната во Украина, односно уште еднаш ја потврдува старата добро позната синтагма – интересите пред сѐ. П.Р.
Во рудникот „Алшар“, на планината Кожув кај селото Мајден, Кавадаречко, за првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит. Минералот е откриен во 1894 г. и добил име по физичарот Лоранд Етвеш од Универзитетот во Будимпешта. За научниците од областа на геологијата, геохемијата, минералогијата, физиката, хемијата, биологијата, астрологијата и од многу други интердисциплинарни научни подрачја (вклучувајќи ја и економијата) рудниот локалитет Алшар претставува извонреден, единствен и уникатен предизвик. Зошто?
Македонија има свои богати, но и уникатни рудни богатства
Адутот наречен лорандит?
Рудникот „Алшар“ бил познат уште од многу одамна (12 или 13 век), меѓутоа интересот за „Алшар“ особено пораснал од 1976 година, кога американскиот научник Мелвин Фридман дошол до сознание дека минералот лорандит – TlAsS2 (кој во локалитетот Алшар го има во најголемо количество во споредба со сите други наоѓалишта на овој минерал во светот) може да послужи како геохемиски детектор на сончевите неутрина, односно за „откривање на тајната за староста на Сонцето“! Имено, како детектор на неутрината од Сонцето, Фридман предложил да се користи еден изотоп на талиумот (205Tl) во минералот лорандит, кој при интеракција со неутрината се трансформира во изотоп на оловото (205Pb). Идејата била да се анализира талиумовиот минерал лорандит од Алшар (стар повеќе милиони години), така што најденото количество олово-205 во него би претставувало основа за пресметување на бројот на неутрината што во текот на милениумите поминале низ минералот лорандит, а со тоа и да се пресмета староста на Сонцето. Од аспект на прашањето на толку потребните енергенти, а поврзани со минералот лорандит и рудникот „Алшар“, според повеќе мислења, детекцијата на неутриното е корисна, бидејќи доаѓа од внатрешноста на сонцето, најголемата енергија ја носи таа честичка, па од таа гледна точка се идеите за решавање на прашањето на енергијата и теоријата дека научни откритија во врска со овој минерал можат да доведат до формирање непресушен извор на енергија. П.Р.