Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.
-Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Прв пат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата – рече Филипче.
Филипче смета дека за двете резолуции во ОН требало да се гласа „за“, бидејќи тие не се косат една со друга туку се надополнуваат.
Тој го поздрави продлабочувањето на стратешкото партнерство со САД, но побара одговори од Владата која е целта за оваа поддршка на новата администрација на САД, што побарала Владата и што очекува од тоа.
Го повтори ставот на СДСМ за европската иднина на земјата. Филипче на прес-конференцијата од Владата побара одговор дали навистина парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат.