РОДЕНДЕН НА „ЛАБ ДИЗАЈН МАРКЕТ“

Шоурумот за македонски дизајнери и занаетчии „Лаб дизајн маркет“ в сабота, 1 март, со почеток од 12 часот напладне, го прославува својот прв роденден со настан во соработка со „Биг си Македонија“. Како дел од соработката меѓу македонскиот шоурум „Лаб дизајн маркет“ и оваа платформа за архитектура и дизајн со седиште во Љубљана, Словенија, македонскиот разгранок од словенечката организација ќе одржи презентација на победниците од Македонија во категоријата мода и дизајн на производ, кои платформата „Биг си“ ги избира годишно од 2018 година.
– Програмата на роденденската прослава ќе започне во 12 часот, со презентацијата на која ќе учествуваат модните дизајнери Марија Милошевска, Евгенија Зафировска и Драган Христов, како и дизајнерките на производи Катерина Трпковска, Деа Беатовиќ и Марта Грнаровска Наумовска, модерирана од координаторката на „Биг си Македонија“, Ана Бојаџиевска. Посетителите ќе може одблиску да се запознаат со новитетите во работата на македонските дизајнери и како наградите „Биг си“ влијаеле во нивната кариера. Во вториот дел ќе може да се погледне изложбата „Од концепт до награда – Биг си дизајн приказни“, по што ќе следува роденденската прослава на „Лаб дизајн маркет“ во добропознатата опуштена атмосфера со музика и пијалаци – најавуваат организаторите.
„Биг си“ е платформа за промоција на дизајн од Југоисточна Европа, основана во раните 2000-ти, домаќин на две национални и интернационални награди, саеми за архитектура и дизајн и организатор на конференции и настани со цел да направи промени во начинот на кој луѓето живеат и работат, а пред сѐ консумираат. Тимот на „Лаб дизајн маркет“, „Биг си Македонија“ и „Лабораториум“ ги покануваат сите вљубеници во добриот дизајн заеднички да го прослават роденденот на единствениот шоурум кај нас на овој еднодневен настан в сабота, 1 март, од 12 до 18 часот.